Горан Пандев поради повреда го пропушта пријателскиот натпревар против Црна Гора

Горан Пандев, ѕвездата на македонската репрезентација и Џенова поради лекарски испитувања и медицински третман нема да пристигне на собирот на А репрезентацијата на Македонија спроти пријателскиот натпревар против Црна Гора кој го играме на 12. Ноември во Скопје.

„Жал ми е што нема да можам да пристигнам на собирот на репрезентацијата иако тоа го најавив по разговорот со селекторот Ангеловски пред две недели во Џенова. Повредите се составен дел од фудбалот, а во овој период се опоравувам од повреда на задната ложа. Во понеделник во Милано заминувам на снимање со магнетна резонанца и во консултација со тренерот Џан Пјеро Гасперини и со лекарскиот тим на Џенова кој даде препорака да не патувам, одлучивме дека сега е најдобро да се фокусираме на здравјето со надеж дека брзо ќе се опоравам и ќе конкурирам за место во тимот. Селекторот Ангеловски ја знае ситуацијата со повредата, ја разбра ситуацијата и се договоривме дека нема да форсираме ништо. Повторно ќе кажам, жал ми е што нема да дојдам на собирот, но тимот секако ја има мојата поддршка. Здравје, наскоро целосно ќе се ставам на располагање на репрезентацијата“, – изјави Горан Пандев.