Агенцијата за млади и спорт ги испрати младите каратисти на светско првенство

Денес во просториите на Агенцијата за млади и спорт се одржа прес-конференција по повод претстојниот настап на Македонската кадетска и јуниорска карате репрезентација. Имено станува збор за Светско првенство за кадети, јуниори и јуниори до 21 година, Џакарта (Индонезија) кое ќе се одржи од 12-15 Ноември.

„Настапот на ова светско првенство, а особено бројката на Македонски каратисти кои заминуваат во Индонезија зборува за нагорната линија на Македонското карате. Подемот во кој се наоѓа овој спорт го докажуваат големиот број на спортски резултати како на сениорски, така и на јуниорски план. Ова претставува уште една можност за докажување дека каратето во Македонија е еден од најтрофејните спортови“, – истакна директорот на АМС Спасески.

По големите успеси на македонското карате, кое во изминатите години и ги донесоа Наташа Илиевски, Иво Цветковски, Жарко Арсовски, Ардита Исени, Огнен Груевски, Берат Јакупи. Мартин Несторовски и европскиот шампион во сениорска конкуренција Емил Павлов, очекуваме вакви резултати да имаме и во помладите категории.

„Агенцијата за млади и спорт константно дава финансиска и логистичка поддршка на карате спортот во Македонија. Настапот во Џакарта АМС го подпомогна со 550 000 денари. Голем дел од нашите репрезентативци се и носители на стипендиите кои АМС ги доделува, со што им оддаваме почит и јавно признание, и на тој начин докажуваме дека државата се грижи за врвните спортисти кои ја промовираат Република Македонија на меѓународна спортска сцена“, – додаде Спасески.