Средба на премиерот Груевски со турскиот вицепремиер Акдоган

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска оствари средба со потпретседателот на Владата на Република Турција, Јалчин Акдоган.

Соговорниците ги поздравија одличните односи меѓу двете земји на билатерално и мултилатерално ниво, изразувајќи задоволство од постојаниот нагорен тренд на развој на истите кој се карактеризира и со редовни средби на високо ниво.

Соговорниците акцентираа дека помеѓу двете земји постои цврста соработка која се одвива во духот на пријателството, меѓусебното почитување и разбирање и се одвива во повеќе сфери како што е економијата, трговската размена, образованието и јакнењето на културните врски меѓу двете држави.

Премиерот Груевски истакна дека добрата соработка со Република Турција на политичко ниво ја следи и позитивен нагорен тренд на економска соработка, при што додаде дека Република Македонија е отворена за секаков вид на проекти кои што ќе значат јакнење на трговската размена и збогaтување на инвестициската активност. Тој посочи дека во нашата земја постојат позитивни примери на турски компании кои успешно работат и дека како држава сме подготвени таквиот вид на соработка да се продолжи и зацврсти преку искористување на поволностите кои ги нуди добрата бизнис клима во Република Македонија.

Вицепремиерот на турската Влада Акдоган ја истакна посветеноста на турската Влада за мотивирање на инвестициската активност на турските компании во нашата земја, изрази задоволство од економската соработка и ја истакна заложбата за зголемување на економската размена до ниво од 1 милијарда долари.

Премиерот Груевски се заблагодари и за поддршката која Република Македонија ја добива од Република Турција во врска со нашата интеграција во НАТО. Тој ја истакна и посветеноста на Владата за реализација на реформи за унапредување на стандардите и можностите во сите општествени сфери.

Турскиот вицепремиер Акдоган истакна дека Република Турција целосно ги поддржува евроатлантските интеграциски процеси на Република Македонија и ќе продолжи да биде активен лобист во остварувањето на овие стратешки цели.

На средбата стана збор и за унапредување на соработката во областа на културата и за отворањето на културните центри на Република Македонија во Истанбул и на Република Турција во Скопје, при што беше констатирано дека процедурите за истите се во завршна фаза. Беше поздравено и отворањето на регионалните центри на турската новинска агенција Анадолија и на Турската радио телевизија во нашата земја.

Двајцата соговорници разговараа и за предизвикот со илегалните мигранти при што разменија искуства и информации за начините на обезбедување на зголемена ефикасност во третирањето на овој глобален проблем, при што беше истакнато дека за оваа тема е потребен координиран одговор од страна на целата меѓународна заедница.

Двете страни разговараа и за продолжувањето на соработката во областа на образованието и здравството.

Sredba PVRM Nikola Gruevski-potpretsedatel na Vladata na Republika Turcija, Jalchin Akdogan_gm