Ќе се пролонгираат роковите за легализација на дивоградбите

Владата нуди нова можност за граѓаните да ги легализираат бесправно изградените објекти. На последната седница изготви измени на Законот со кој се предлага продолжување на рокот за комплетирање на поднесената документација, како и нов рок за поднесување барања за легализација на дивоизградените објекти.

Како што соопштија денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпевски, со измените се предлага рокот за поднесување барања да продолжи до 31 март 2016 година, а за оние коишто веќе имаат поднесено барање да можат да достават геодетски елаборати до 31 декември 2016 година.

„Сите граѓани кои не поднеле барање за легализација, сега повторно имаат можност до 31 март следната година до општините каде е изграден објектот да поднесат барање за легализација на дивоизградениот објект. Услов е објектот што е предмет на легализација да е изграден заклучно со 3 март 2011 година“, рече Мисајловски.

Тој додаде дека пролонгирањето на рокот за доставување геодетски елаборат за една година е направена со цел на граѓаните да им се остави простор да имаат време за достава на елаборатите кои се клучен документ во процесот на легализација, а на геодетските фирми ќе им се овозможи полесно да ја вршат работата бидејќи со сегашниот рок немаат доволно време да ги изработат сите поднесени барања.

Првичниот рок за доставување на геодетски елаборати истекуваше на 31 декември оваа година. Мисајловски очекува голем број нови барања за легализација на дивоградби.

Измените даваат и можност за легализација на бесправни објекти што се изградени на приватно земјиште. Како што истакна Мисајловски, ова значи дека со стапување во сила на овој закон, сопственикот на дивоизграден објект ќе може да го легализира објектот на земјиштето што е во туѓа, односно друга приватна сопственост доколку во моментот на изградбата на објектот земјиштето било во сопственост на Република Македонија.

„Во овој случај измените предвидуваат заштита на правата на сопствениците на земјиштето преку обештетување од страна на лицето кое го легализирало објектот. исто така сопственикот на земјиштето или неговите наследници имаат право да побараат надомест за зејиштето без временско ограничување и доколку во рок од 20 години сопственикот на земјиштето побара надомест за земјиштето тогаш ќе се земе предвид пазарната цена на земјиштето во моментот на поднесување на тужбеното барање“, рече Мисајловски.

Додаде дека доколку сопственикот на земјиштето по истекот на рокот од 20 години побара обештетување за земјиштето тогаш предвид ќе се земе пазарната цена на објектот кога е тој легализиран. Сопственикот само по исплата на земјиштето ќе може да се стекне со права на сопственост врз земјиштето, а доколку во рок од 20 години сопственикот на земјиштето не бара надомест на штета, тогаш сопственикот на објектот во судска постапка може да бара право на сопственост врз земјиштето.

Со измените се предвидува и доколку вредноста на земјиштето е поголема од вредноста на легализираниот објект, сопственикот на земјиштето може да плати надомест за објектот или да го купи објектот. Оваа измена не важи за објектите за домување или објекти од јавен интерес.

Се дава и можноста да се легализираат објекти изградени на земјиште на Република Македонија со право на користење на други физички или правни лица без да се заверува изјава на нотар за тоа колку време го користат земјиштето.

Предложените измени, како што рече Мисјаловски, се во насока на забрзување на процесот на легализација. За оние кои нема да ја искористат оваа можност и нема да ги легализираат објектите, ќе се постапи според Законот за бесправно изградени објекти.

Трпевски информира дека во првичниот рок, од 2 март до 3 септември 2011 година, за поднесување барања за легализација на дивоизградени објекти беа доставени 360.000, од кои за 175.000 се поднесени елаборати, а запишани во катастарот и легализирани се 135.500 барања.

Ги поздрави измените и рече дека продолжувањето на рокот ќе им даде доволно време граѓаните да пријават а приватните геодетските фирми да ги изготват елаборатите чиј број е над 170.000.

Посочи дека Катастарот има капацитети да ги издаде сите потребни документи на граѓаните за да може да ги легализираат објектите.

Апелираше до имателите на инфраструктурни проекти да го искористат продолжениот рок и да поднесат барање за легализација.