Пешевски: Остануваме фокусирани на економскиот раст

Секој што ја анализира макроекономската состојба во Македонија може да дојде до сопствени заклучоци, но ние остануваме фокусирани на намалувањето на невработеноста, создавањето нови работни места, поттикнување на инвестициите и генерално, раст на економијата.

Ова го истакна вицепремиерот Владимир Пешевски по денешната работилница „Пристап до финансии“, одговорајќи на новинарски прашања во врска со оценките на Европската комисија нотирани во последниот извештај.

Ако се погледнат овие параметри и анализите за подобрувањето на бизнис климата можеме, рече Пешевски, да бидеме задоволни.

„Секогаш има простор за подобрување, но треба да водиме сметка и за тоа колкаво е вкупното ниво на македонската економија за потоа соодветно да се креираат буџетските политики“, напомена вицепремиерот.

Негова оценка е дека буџетот во изминатите години содржеше силна развојна компонента, а конкретните резултати и постигнувања се, како што рече, добар доказ за тоа.