Агенцијата за храна и ветеринарство и оваа година со евидентен напредок во евроинтеграциите

Европската Комисија и оваа година и даде висока оценка на Агенцијата за храна и ветеринарство во поглед на напредокот во евроинтегративните процеси содржани во Поглавјето 12 – Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика, нотирајќи дополнителен напредок постигнат во периодот октомври 2014 – септември 2015 година.

Со оглед на тоа дека во изминатиот период, од формирањето на Агенцијата за храна и ветеринарство е постигнат напредок во скоро сите области, што беше нотирано до страна на Комисијата во претходните Извештаи, годинава, единствена препорака за подобрување во наредниот период, која е содржана во последниот Извештај на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија во процесот за приближување кон Европската Унија и која е наменета за Агенцијата, се однесува на потребата од дополнително зајакнување на административните капацитети, посебно во делот на инспекциските служби и лабораториите.

Имајќи предвид дека еден од клучните приоритети на Република Македонија е полноправно членство во Европската Унија, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со преземање на мерки и спроведување на политиките за унапредување на безбедноста на храната и ветеринарната политика, за надградба и одржување на веќе воспоставените системи за институционална надградба, согласно насоките и барањата дадени од Европската Унијa.