Македонија до 21 година одигра нерешено против Франција

Репрезентацијата на Македонија до 21 година одигра нерешено 2:2 против селекцијата на Франција на централниот терен на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во натпревар од четвртиот круг квалификации за пласман на Европското првенство во Полска.

Натпреварот започна со едноминутно молчење во знак на поддршка за настраданите во нападите во Париз.

Нашите млади фудбалери испуштија предност од два гола против фаворитот, откако по првите 45 минути водевме со 2:0 и не и дозволивме на Франција посериозно да се закани по нашиот гол. Во продолжението се опуштивме, тоа мудро го искористија Французите и успеаа да постигнат два гола во нашата мрежа.

Во воведните минути од средбата голема битка се водеше на средината на теренот. Како што одминуваше времето нашите репрезентативци играа се подобро и посигурно. Првиот гол за Македонија беше дело на Виктор Ангелов во 19` кој одлично се снајде во казнениот простор и успеа да погоди. На 2:0 зголеми Марјан Радески, резултат со кој се замина на полувреме. Во вториот дел Франција го засили темпото, играше многу поагресивно и успеа да постигне два гола во период од седум минути. Најпрво Себастиен Халер погоди во 65`за намалување на нашата предност, за во 72` да погоди и Енкуду за израмнување на резултатот. Тоа воедно беше и конечниот исход од оваа средба.

МАКЕДОНИЈА – ФРАНЦИЈА 2:2 (2:0)

(1:0 Виктор Ангелов 19`; 2:0 Марјан Радески 40`; 2:1 Себастиен Халер 65`; 2:2 Кевин Енкуду 72`;)

МАКЕДОНИЈА: 12. Игор Алексовски 5. Ѓоко Зајков 14. Дарко Велкоски (4. Висар Муслиу) 7. Енис Барди 8. Бобан Николов 10. Марјан Радески 11. Даниел Аврамовски (23. Тихомир Костадинов) 17. Кире Маркоски 19. Бесир Демири 21. Мевлан Мурати 9. Виктор Ангелов (Демир Имери).

Во групата 3 од квалификациите, репрезентација на Исланд води со 11 освоени поени, на второто место со бод помалку е репрезентацијата на Франција. Македонија со 7 поени е на третата позиција, но со натпревар помалку.