Одбележан Светскиот ден на дијабетот во ОУ „Христо Узунов“

Во ОУ „Христо Узунов“ со низа активности се одбележа 14-ти ноември, Светскиот ден на дијабетот. Учениците се запознаа со самата болест, причините за истата и начинот на лекување и превенција од дијабет.

На учениците од 8 те одделенија им се обрати докторот специјалист интернист Лилјана Ангелеска, која со пригодно предавање и разговор со нив им објасни за дијабетот, видови дијабет, како се добива и кои се главните причинители за истото.

Дијабетот како болест зема сè поголем замав како во светски рамки, така и во нашата држава. Причината која допринесува за сè поголем број заболени и кај младите е неправилната исхрана и недоволната физичка активност.

„Учениците следеа со голем интерес, за тоа зборува и фактот што после предавањето беа поставени многу дополнителни прашања од страна на учениците. Истовремено наставниците по физичко и здравствено образование од училиштето Стефанка Ангелоска и Гоце Тасески, заедно со одделенските раководители 4 те одделенија организираа меѓуодделенски натпревари – полигон. Активностите за овој ден планирано е да завршат со едно пешачење до црквата Св. Атанасие.

Овде нема да заврши оваа тема, веќе се планираат и други активносто со вклучување на повеќе субјекти од општината, сè со цел подигање на свеста за здрав начин на живот на децата во училиштето и домот.

Благодарност до директорот на Општата болница – Охрид, Љубен Арнаудов и докторката Лилјана Ангелеска кои ни помогнаа во реализација на планираните активности.“ – вели организаторот на активностите, Јулијана Шишоска- одделенски наставник во ОУ „Христо Узунов“.