Во тек е пријавувањето за конкурсот за Град на културата во 2016 година

Министерството за култура го објави Конкурсот за финансирање на проектот „Град на културата” во 2016 година, кој ќе трае до 7 декември 2015 година. На Конкурсот може да учествуваат градовите во Република Македонија, а пријавувањето се врши со доставување пополнета пријава која треба да се преземе од веб–локацијата на Министерствотo за култура (www.kultura.gov.mk) и да се пополни електронски со впишување податоци на означеното место.

Кон пријавата задолжително треба да се приложи прецизна фестивалска програма со препознатлива културна и историска традиција и краток осврт на проектите кои се составен дел од програмата. При разгледувањето на пријавените програми, предност ќе имаат: програми што содржат проекти кои ја афирмираат културата и промовираат врвни културни вредности кај младата популација; програми кои афирмираат домашно творештво и домашни автори и програми кои презентираат творештво со стилска и жанровска разновидност и кои подразбираат соработка со врвни уметници.

Манифестацијата „Град на културата“, која следната година ќе го има своето 13-то издание, се организира со цел да се обезбедат услови за рамномерен културен развој и за достапност на културните вредности до граѓаните и нивно масовно користење, како и за да се поттикне заживувањето на културата на локално ниво. Досега домаќини на ова случување беа Радовиш, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Велес, Кавадарци, Гевгелија, Кочани, Крива Паланка, Крушево, а годинава општината Велес е актуелен носител на титулата „Град на културата“.