Македонија меѓу малиот број земји со дигитална педолошка карта

Македонија е вистински педолошки музеј. Располага со скоро сите почвени типови што ги има во Централна и Јужна Европа, но тие не се секогаш рационално искористени, беше речено денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по промоцијата на Македонскиот почвен информациски систем, односно Македонската педолошка карта изработена во печатена и дигитална форма.

Картата е веќе во фунцкија, а ќе послужи како основа за претстојното т.н. агроеколошко реонирање на Македонија, односно поделба на земјоделското производство според условите со единствена цел – културите да се одгледуваат на најсоодветните почви што ќе значи остварување максимални приноси и квалитет.

„Македонија е меѓу малиот број земји кои имаат ваков високо – технолошки систем и биде пример за тоа како може да се подобри управувањето со земјоделството. Со оглед дека е поставен он-лајн, системот е достапен за секој што сака да знае кои култури успеваат на каква почва“, изјави Роналд Варгас, координатор на проектот во чии рамки беше изготвена Педолошката карта.

Според него, ако се погледне Картата, веднаш се забележуваат огромниот број бои кои ја покажуваат различноста на македонските почви.

„Оние во низините се многу здрави и богати со голем потенцијал за земјоделство, додека оние во планинските предели треба соодветно да се менаџираат и контролираат за да не се предизвика ерозија“, укажа Варгас.

„За одржливо, квалитетно и конкурентно земјоделство потребно е производителите да ги знаат својствата на почвата, да знаат која култура на каква почва успева. Од овие причини, проектот е голем успех. Изработена е база на податоци до која пристап ќе имаат сите засегнати страни и која, секако, постојано ќе се следи зашто почвата е жива материја и се менува под влијание на различни фактори“, истакна министерот Михаил Цветков.

Професорот по педологија на Факултетот за земјоделски науки и храна Јосиф Митриќески рече дека со изработката на овој проект се оствари сонот на сите педолози во Македонија, земјата да располага со почвена карта во печатена и дигитална верзија.

„На соодветни почвени типови се одгледуват соодветни култури кои би давале максимални приноси и квалитет. Затоа, треба да се искористи Педолошката карта и Македонија да се подели на т.н. агроеколошки реони каде ќе се знае кои култури, на кои почви ќе можат да се одгледуваат за да даваат максимални приноси и квалитет“, потенцира Митриќески.

Агроеколошко реонирање на Македонија ќе се реализира со посебен проект кој ќе почне догодина. Како што најави министерот Цветков, покрај научните сознанија ќе се вршат и опити за да се утврди кој семенски материјал каде најдобро успева. Државата во овој сегмент планира да обезбеди и субвенции за земјоделците, за да произведуваат она што во одредениот реон ќе даде најдобри резултати.

Македонскиот почвен информациски систем е изготвен со поддршка на ФАО. Според него, Македонија е поделена на десет подрачја, а за секое е изработен толковник за почвите и нивните својства. Содржи вкупно 61 карта во размер 1:50.000. Освен десетте толковници за картите, отпечатена е и карта 1:200.000 со посебен толкувач.