Две правни лица од Скопје нелегално продавале алкохол

Тимови на Царинарница Скопје, формирани за контрола на продажбата на акцизна стока, вчера (20.11.2015 година) извршија контроли на територијата на град Скопје. Во 2 случаи, кај две правни лица откриени се неправилности и привремено се задржани околу 2,3 тони пиво и 4 литри ракија без акцизни маркички, со сомнителен квалитет за кои не е платена акциза.

При контрола на угостителски објект (пивница) во Скопје, пронајдена е опрема за производство (мини-пивара) на пиво. Во објектот, сопственикот вршел и продажба на пивото кое го произведувал, но за истото не плаќал акциза. Од субјектот, привремено се задржани околу 2,3 тони пиво, пронајдени на залиха и спремни за продажба.

Во вториот случај, во продавница за алкохолни пијалоци, исто така во центарот на Скопје, царинските службеници открија нелегална продажба на ракија. Имено, по претходно извршена контрола на продавницата, иако не биле откриени неправилности, царинските службеници решиле да почекаат во близина на објектот, за по некое време да посведочат нелегална продажба на ракија во пластични шишиња, кои продавачот ги вадел од неговиот автомобил и ги внесувал во објектот. Во автомобилот се пронајдени 4 литри ракија и истите се одземени.

Против прекршителите во двата случаи ќе бидат поднесени соодветни пријави.

sliki akcizi 4(1)