Мерките за селектирање на мигрантите создаваат тензии на граничните премини

Во текот на претходните неколку дена, сведоци сме дека Владите воспоставуваат редица ограничувања на движењето на бегалците и мигрантите од Грција преку Западниот Балкан и понатаму кон север. Тие вклучуваат мерки како селектирање на луѓе врз основа на државјанството. Ова станува сè понеиздржано од секој можен аспект – хуманитарен, правен, но исто и безбедносен, посебно земајќи ги предвид сè пониските температури и ризиците за децата и другите лица со специфични потреби.

Овие мерки на државите создаваат тензии на граничните премини и домино-ефект, а некои бегалци и мигранти ги оставаат во неизвесна состојба заглавени на различни гранични премини. УНХЦР и ИОМ им обезбедуваат поддршка на владите за да се зголеми прифатниот капацитет во земјите коишто се погодени и за да се создаде заштита од зимските услови. УНИЦЕФ ги поддржува просторите опремени за деца во прифатните центри кај граничните премини долж балканската рута, се подготвува за зимата што доаѓа и соработува со владите да се зајакнат системите за детска заштита за сите деца, вклучувајќи ги и децата-бегалци и децата-мигранти.

Постои итна потреба да се отвори дополнителен прифатен капацитет на влез за да се овозможи коректно и делотворно сместување, усогласеност со стандардите за заштита на деца, помош, регистрација и идентификација на илјадниците лица коишто пристигнуваат секојдневно – за да се идентификуваат оние на коишто им е потребна заштита, оние коишто треба да се преместат во други европски држави и оние коишто не се квалификуваат за бегалска заштита и за кои треба да се воспостават механизми за делотворно и достоинствено враќање. Во сите ситуации, одлуките поврзани со децата треба да се носат водени од тоа што е во нивниот најдобар интерес. Сè додека не постои ваков силен капацитет за прифат и идентификација, единствените коишто ќе ја контролираат ситуацијата ќе бидат криумчарските мрежи чии бескрупулозни дејства досега им го одзедоа животот на речиси 3.500 лица на Средоземното Море оваа година. Постојната состојба, доколку брзо и сеопфатно не се решава, ќе доведе до расчленување на рутите и дополнителни предизвици. Мора да се стори многу повеќе за да се оневозможат криумчарите и трговците со луѓе – но на начини коишто дозволуваат нивните жртви да бидат заштитени.

Итна е потребата да им се овозможат безбедни правни опции на лицата коишто се раселени заради насилни конфликти, како преселување, прифаќање на хуманитарна основа и семејно обединување, како алтернативи за хаотичните и опасни криумчарски рути коишто се присилени да ги користат денес за да стигнат до безбедност. УНХЦР, ИОМ и УНИЦЕФ затоа повикуваат засегнатите Држави повторно да ги воспостават координативните механизми и механизмите за одговор коишто беа договорени на Самитот за Западен Балкан на 8 октомври и Лидерската средба на 25 октомври 2015.