Запленети облека, обувки, алкохол и фалсификати

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани крзнени и текстилни производи, обувки, технички производи, алкохолни пијалоци, средства за хигиена, автоделови, плинска печка, брави за автобуси, додатоци за мобилни телефони и фалсификати.

Покрај тоа откриена е и една царинска измама. Задржана е следната стока:

Облека и обувки

– 23 елеци и 7 јакни од крзно откриени при контрола на романски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Богородица, се пријавиле двајца романски државјани. Елеците и јакните се пронајдени во патни торби и кеси сместени во багажниот простор и зад совозачкото седиште на возилото. Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 486 пара детски хеланки откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена на патниот правец Струмица – Валандово. Хеланките, пронајдени во најлонска кеса сместена во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 16 пара спортски обувки откриени на скопскиот аеродром Александар Велики при контрола на патните торби на македонски државјанин кој пристигнал со лет од Малме. Непријавените обувки се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

Техничка стока

– систем за навигација KENWOODDDX7025, откриен при контрола на македонски автобус управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Апаратот е пронајден во картонска кутија, сместена под третото и четвртото седиште на автобусот и истиот е привремено задржан. Против возачот е поведена соодветна постапка.

– 1 инвертор и 1 контролер за соларен систем за производство на електрична енергија, откриенипри контрола на српски автобус пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи,сопственост на српски државјанин -патник во автобусот, се пронајдени во две картонски кутии во багажникот на автобусот. Истите се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.

Акцизна стока

– 27 литри вотка SAVOYсо бугарски акцизни маркички, откриени при контрола на полски камион управуван од полски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Вотката, пронајдена во кабината на возилото, е привремено задржана, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Средства за хигиена

– 197 литри течен сапун (494 опаковки 400 ml) и 75 литри освежувач за простории (300 пакувања од 250 ml), откриени при контрола на турски автомобил управуван од турски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Еден дел од непријавените производи се пронајдени во багажникот на возилото, покриени со ќебе и пакети со храна, а другиот дел, на задното седиште на возилото. Истите се привремено здржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Автоделови

– 1 фар за патничко возило марка Fiat и едно стоп-светло за патничко возило марка Passat, откриени при контрола на македонски камион, натоварен со употребувани патнички возила пријавени за увозно царинење на царинската испостава Деве Баир. Непријавените автоделови, сопственост на возачот-македонски државјанин, се пронајдени во кабината до возачкото седиште. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Останато

– 1 плинска печка за гиро и 8 брави за автобус, откриенипри контрола на српски автобус управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи се пронајдени во кутија, во багажниот простор и во кеса сместена помеѓу седиштата во внатрешноста на автобусот. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 40 држачи за мобилни телефони за „селфи“ слики, откриени при контрола на пратка од Кина наменета за увозник од Куманово, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење. Непријавената стока, која не била наведена во царинските документи е привремено задржана, а против увозникот и неговото одговорно лице ќе биде поведена прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектулна сопственост

– 841 парчиња облека (блузи, детски комплети, хеланки, панталони и тренерки) со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на разна стока со потекло од Турција наменета за увозник од Струмица, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 1. Вредноста на сомнителната стока е проценета на околу 560 илјади денари, доколку истата би се продавала како оригинал.

– 6 безжичниполначи за мобилни телефони со ознаки на заштитени трговски марки откриени на царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење, при контрола на DHL-EXPRESS пратка од Тајван, наменета за физичко лице од Скопје.

Во двата случаи производите се привремено задржани поради основано сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските одредби ќе бидат започнати постапки за утврдување на нивната оригиналност.

Измама

Во текот на минатата недела, на цaринска испостава Делчево-отсек за стоково царинење откриен е еден обид за избегнување на плаќање увозни давачки.

Увозник од Скопје пријавил за увозно царинење „мента–зачин за прехранбена индустрија“, декларирана во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%. По извршениот документарен и физички преглед на стоката, утврдено е дека декларираната стока треба да се распореди во сосема друга тарифна ознака со пропишанa стапка за царински давачки од 10% и стапка за ДДВ од 18%. Врз основа на новоутврдената состојба пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 3 илјади денари, а воедно против увозникот е изготвен и записник за царински прекршок.

This slideshow requires JavaScript.