Македонија и Албанија ќе соработуваат во енергетиката

Македонија и Албанија се мали држави и имаат потреба од меѓусебно енергетско поврзување што е од интерес на двете земји. Овие проекти значат и нов регионален пазар во енергетиката што е добро за двете земји, но и за целиот регион, заклучија министерот за економија на Република Македонија Беким Незири и министерот за енергетика и индустрија на Албанија, Дамиан Ѓикнури на денешната средба во Струга, на која беше потпишан и меморандум за соработка меѓу двете држави во областа на енергетиката.

Преку потпишувањето на меморандумот, според министерот Незири, се потврдуваат и продолжуваат добрососедските односи меѓу Македонија и Албанија, а бенефитите допрва ќе се почуствуваат.

„Потпишувањето на овој договор ги потврдува сегментит на соработка во сферите на енергетска ефикасност, нафта и нафтени продукти, производство на електрична енергија преку мали хидроелктрани и ветерници. Преку потпишувањето потврдуваме дека ваквата соработка ќе продолжи и понатаму“, изјави Незири.

Тој потсети на потпишаниот договор на МЕПСО и ЕБРД за кредит за изградба на интерконективата врска меѓу Македонија и Албанија, однсно поврзување со интерконективна врска со 400 киловолтна линија меѓу двете земји.

„Соработка во енергетскиот пазар имаме со Бугарија и со Србија, а со интерконективната врска со Албанија, проект кој треба да се реализира до 2018 година ние Република Македонија ја правиме алка во регионалниот енергетски пазар“ рече Незири.

Албанскиот министер за енергетика и индустрија Ѓикнури по средбата информира дека двете држави имаат извонреден прогрес за реализација на проектот за изградба на интерконекцијата Битола – Елбасан и очекува дека во 2017 година ќе има конкретни чекори.

„Обезбедени се средствата за реализација на проектот во двете земји. Интересот е огромен во двете држави со што ќе имаме поврзување во енергетскиот систем со Македонија, а со тоа и во Бугарија и Србија. Освен нашите земји бенефит ќе има и целиот регион. Проектот овозможува и поврзување на Албанија, но не само на Албанија би рекол и на Бугарија и регионот со Италија, преку море“, нагласи Ѓикнури.

Информира дека го покренал прашањето за реализација на проектот Луково Поле за што бил информиран од македонска страна дека такви проекти нема да бидат реализирани без согласност од Владата на Република Албанија.

„Меѓународните води се регулирани со меѓународни конвенции и договори и ниту една држава неможе сама по себе да покрене такви проекти. Треба да се види и интересот на двете држави во областа на енергетиката. Би сакал да го повторам ставот на Владата на Република Македонија дека нема да се реалзира ниту еден проект еднострано, а може да и наштети на другата страна. Се што правиме, правиме координирано“, рече Ѓикнури.

Добрососедските однсои меѓу Македонија и Албанија нема да бидат нарушени со ниту еден проект, нагласи министерот Незири. Тој подвлече дека прво ќе се дискутира и на крај ќе се донесат решенија. – Република Македонија нема и досега немало реализирано ниту еден проект кој ќе наштети на друга држава. Вакви проекти кои би наштетиле на нашиот сосед нема да бидат реалзирани, нагласи Незири.