Регионална комора со седиште во Охрид – Презентирана програмата за работа и планираните активности за 2016

На 17-ти декември  во Охрид се одржа редовната седница на Регионалната комора со седиште во Охрид. Пред присутните беа презентирани Програмата за работа за 2016 година, како и планираните активности кои ќе се реализираат во текот на 2016 година. Поканетите членови од компаниите го дадоа својот придонес во оформувањето на подетални активности кои треба да се реализираат следната година, а се во насока на подобрување на економскиот амбиент во регионот. На седницата беше предложено интензивирање на контактите помеѓу членките на Стопанската комора на Македонија, со цел запознавање и претставување на производите и услугите кои ги нудат, а во насока на дефинирање на други полиња на соработка помеѓу компаниите.

Согласно дневниот ред беше доставена информација по Предлогот со тарифа за користење на авторски музички дела и информација за измените во Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството во поглед на право на регрес за годишен одмор. Во врска со обврската за исплата на регрес за годишен одмор, работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работата. Според последните измени на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството од 14.7.2015 година предвидено е регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата. Регресот се исплатува еднаш во текот на годината што значи до крајот на годината сите работници кои го исполнуваат условот за регрес на годишен одмор треба да им биде исплатен од страна на работодавачот, во спротивно се пропишани високи казни.

На истата седница беше извршена презентација на Европската мрежа за бизнис-можности Enterprise Europe Network – најголема мрежа во светот за поддршка на бизнисот и воспоставување партнерства, формирана од ЕУ. Во Македонија, Enterprise Europe Network Macedonia (ЕЕН-М) функционира веќе 8-ма година во континуитет, а за македонските компании ги обезбедува бесплатно сите предвидени услуги.

Следната седница на Регионалната комора со седиште во Охрид е закажана за почетокот на следната година, а присуство може да пријават сите компании-членки на Стопанската комора на Македонија.

RKOhrid-21.12.2015-1

Борис Тримчев