Заев: Груевски пак режира, мафијата е во Владата

Претсеадтелот на СДСМ, Зоран Заев, денес во изјава за медиумите истакна:

„Во Македонија во жар е борбата за слобода и демократија.

Слободата и демократијата имаат висока цена.

Невидената паника и нервоза што ја покажуваат Никола Груевски и неговите соработници покажува дека овие луѓе станаа свесни за нивниот безизлез.

`Се што прави Груевски преку пропагандата е обид да најде спас од работата на Специјалното обвинителство, Анкетната комисија, истрагите што се водат против нив, Договорот од Пржино.

Груевски и соработниците знаат колку длабоко се влезени во криминални и корупциски скандали за коишто ќе мора да одговараат.

И затоа сега го прават истото сценарио како кога почна проектот Вистината за Македонија.

Тогаш тврдеа дека прислушувале странски служби, па потоа жолти комбиња, па дека опозицијата прислушувала.

Сега повторно преку пропагандата Груевски режира филмови.

Погледнете го апсурдот, сега велат дека ние фалсификуваме лични карти, за самите за себе да си отвориме истрага и самите себеси да се прогласиме за виновни.

Вистинската истрага ја отвори министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, од СДСМ.

Медиумите на Груевски исто како во Пуч, повторно пласираат шпекулации за истрага што е во тек.

Почитувани граѓани,

Јавноста знае дека јас лично ги повикав сите граѓани кои поседуваат какви било материјали и докази за криминалното работење на власта, да ги достават до мене, до Социјалдемократскиот сојуз, до медиумите.

Се гледав и се гледам со сите граѓани кои се охрабрија и се охрабруваат да помогнат во разобличувањето на оваа криминално – корупцикска власт на Никола Груевски.

Денеска медиумите на Груевски објавуваат дека материјали од прислушувањето се запленети кај осомичено лице.

Ако е ова точно, денеска од ова место барам истражните органи да разјаснат како вакви материјали се нашле кај ова лице.

Груевски и неговите соработници можат да режираат колку сакаат.

Проектот Вистината за Македонија покажа кои се вистинските криминалци во Македонија.

Вистината е дека мафијата е во Владата.

Во оваа држава ќе се врати правото и правната држава.

Тоа е незапирлив процес!

Македонија бара промени.

Тоа Груевски, Мијалков и нивните соработници не можат да го спречат преку афери во медиумите.

До сега владееа со уцени, закани, криминал и корупција.

На изборите тоа ќе заврши.“-изјави Заев.

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Медиумите објавија фотографија од средба со осомничениот Бекири. Може ли да кажете за што точно разговаравте?

Заев: Целиот овој процес јас и целото раководство повикуваме да ни пристапат граѓани кои поседуваат докази и материјали за корупција и криминал на власта. Секогаш ги објавивме јавно или ги упатувавме преку медиумите да го пријават како што е направено со неделникот Фокус во МВР. Тоа што со сите граѓани што сум се сликал и во кампот на слободата и во канцелариите на СДСМ, или било каде во Македонија, ја отвара можноста да се сликаме со некое осомничено лице но тоа не го менува фактот дека оваа власт е до гуша во криминал и корупција.

Медиуми: Како се нашле тие снимки кај тоа лице?

Заев: Тоа очекувам истрагата да го покаже.

Медиуми: Дали Бекири е еден од патриотите како што викате вие што ви доставувале информации?

Заев: Очеувам истрагата да покаже зошто се изработувани тие фиктивни лични карти, зошто преку Фокус се пријавени во МВР и што е конечната цел на употребата на тие лични карти, имајќи во предвид дека овие лични карти се со датум на издавање од 2009 до 2014.

Медиуми: Дали вие сте им давале некакви материјали на овие лица?

Заев: Ја повикувам истрагата да обзнани на јавноста кои ги дал овие материјали, што се наведува дека ги поседува некој од осомничените лица.

Медиуми: Со секојдневното одолговлекување на спроведувањето на договорот од Пржино во сите аспекти, дали значи дека овој договор пропаѓа и што ако пропадне? Дали ќе има избори во Април?

Заев: Договорот од Пржино е единствена можност за излез од политичката криза во РМ. Повторувам, императив на договорот од Пржино е кристално чисти избори, полн легитимитет на победникот. Избори може да има само кога ќе бидат обезбедени сите предуслови за кристално чист изборен и предизборен процес.

Медиуми: Што ќе направи СДСМ ако пропадне договорот од Пржино?

Заев: Ние се надеваме дека договорот од Пржино нема да пропадне и за нас тоа е најважниот документ и најважно е да се спроведе до крај. Заради тоа ако се создадат услови за кристално чисти избори ќе ја видат сите граѓани леснотијата со која Груевски и оваа криминала власт ќе заминат од власт после 10 години. Не би сакале да размислуваме дека договорот од Пржино нема да биде успешен. Ние ќе направиме се како и што досега го правиме, со нашата флексибилност, посветеност и конструктивност заради вербата во исполнувањето на овој договор од Пржино.