Скандалозно: За мене мама и тато значат исто, дали и за Државата?

Сега можеби ќе речете дека сум себичен, но кога ќе го знаете мојот проблем воопшто нема ни да помислите на такво нешто. Ќе почнам вака… Името не го пишувам тука, но оној кој сака може лесно да го дознае, годините веќе не ги бројам затоа што немам причина за тоа, а и зошто да ги бројам кога за само 5-6 месеци преживеав и видов многу повеќе него што поминал некој за цели 100 години живеење. Мислите дека 5-6 месеци се малку? Од Ваша гледна точка можеби да, но за мене беа пеколни. Тоа беа месеци живеени како во 9 те круга на пеколот од Данте Алигиери. Ја знаете таа книга? Јас живеев и полошо од тоа. Целиот свој живот уште од мал го живеев борејќи се. Уште во времето на мојот пубертет моите се разведоа. Татко ми не ни сакаше да не гледа , иако за тоа многу се каеше понатака во животот. Мајка ми и брат ми ги сакам повеќе од мојот живот, би дал се, би направил се, би вратил се…. но, не можам. Ова е моја приказна за мојот живот. Приказна за пеколните 5-6 месеци од мојот живот.

Тогаш сакав, мислев дека можам да направам се, но никогаш не сум се чувствувал така. Тогаш запознав една девојка, мислев дека сум најсреќниот на планетата. Рушев ѕидови, правев се со многу малку пари, трпев и преживував многу работи, се заради таа голема љубов. Сакав да изградам топлина за која таа викаше дека ја нема, и градев. Сакав да изградам дом и градев. Ветувањата од нејзина страна ме издигнуваа и ме водеа во животот. Но… Сето тоа било фарса. Јас длабоко навлегов во животот со неа. Имаме и дете, прекрасно дете, без кое не можам да дишам, не можам да живеам.

Беше месец март. Чашата се прелеа. Се поминаа сите можни граници. Девојката која сега беше моја жена и мајка на моето дете почна насилно да се однесува кон нас двајцата. Го истепа Нашето дете и му нанесе видливи траги. Јас како и секој родител го бранев своето дете, ја пријавував мајката, направив се што можев, но…. По цела година пробување да ги смирам недоразбирањата, да ги ставам работите во ред и молење со мојата мајка да не поднесувам документи за развод, сепак поднесов тужба за развод. Тука видов дека од пеколот има и поголем пекол, дека од тепачките дома има и поголеми тепачки. Само тука те тепааат и државните институции, кои земаат плата од даноците кои ги плаќаш ти.

Во тој момент стапува со работа Центарот за социјални работи во Скопје. Држава во држава, во секоја смисла на зборот. Таму , Вработена е како стручно лице во секторот за брак и семејство, а прави се што ќе посака спротивно од сите закони за семејство и деца во државава и надвор од неа. Не сум единствениот во Македонија кој има проблем со оваа исфрустрирана жена. Ги лечии фрустрациите на нејзините клиенти, СЕКОГАШ! Дојде моментот кога истата таа личност требаше да ги реши недоразбирањата меѓу нас за да не се разведеме. „Решавањето“ беше само со следнава реченица, цитирам: „Ако се разведеш, детето мора да припадне кај мајката затоа што ти имаш машки полов орган и нема да можеш да објасниш што е ментсруација“. Се поставува прашањето : Како татко во 21 век не може да објасни нешто на своето дете? Да речеме ако мајката на детето не е жива, а јас треба да се грижам за детето, како ќе треба да и го објаснам тоа? Ќе ја станам од гроб мајката? Незнам и како со ова прашање можеш да решиш ситуација во која двајца се разведуваат? Незнам каде е пишано дека со закани и полова дискриминација можеш да смириш некого? И еден куп вакви прашања. Следуваше работа со детето. По договорениот термин го донесовме детето на работа со СТРУЧНОТО лице, кое му рече на детето само да ја нацрта мајката. Според цртежот стручното лице одлучи дека детето МОРА да припадне на мајката. Како тоа одлучи? Како тоа од „нацртај ја мајка ти“ може да се одлучи кај кого да припадне едно дете на кое родителите се разведуваат? По кој закон е тоа? Дали ова некаде е напишано? Дали има некоја друга држава во светот која вака одлучува за децата? (за потсетување само, Македонија има потпишано документ со кој се обврзува да ги почитува сите детски права напишани во законот за деца при Обединети нации). Прашање: Како, ако таткото бара развод во Македонија, поради малтретирање од мајката, центарот со сите докази против мајката и сите пријави во полиција и центарот за семејно насилство, казни, детето го дава целосно на мајката? Каде е стручноста на центарот за социјални работи? По кој закон и правила работи центарот?

Истиот тој ден, мајката во попладневните часови добива смс порака од стручно лице со содржина, цитирам: „Однеси го детето кај твоите, викнете му полиција да не смее да се доближува до куќата и не му давај да го гледа. Јас ќе направам решение да го гледа еднаш во две недели во Радовиш по 5 саати само“ ( за ова имам и доказ, слика од телефонот со пораката). Пораката е испратена на 21 Јули.Од тогаш па се до 3 септември јас немав решение, односно јас не си го гледав детето, не смеев да се доближувам до куќата. На 3 септември решението изгледаше исто како и смс пораката испратена на мајката пред 3 месеци. Секако стручното мислење како вакво беше дадено на судот. Тука настапува судот. Судот воопшто не гледа ништо друго освен мислењето на Центарот кој воопшто не работи како што треба, не ја ни испита целата ситуација, не ги ни увиде причините за кои јас поднесов документи за развод. Само донесе пресуда за развод, пресуда за старатешство детето да припадне на мајката и санкционираше со превисока алиментација. КРАЈ.

За целото ова време, бев понижуван, бркан од центарот за социјални работи, пријавуван во полиција и уште милион други голготи кои не се ништо во споредба со онаа која најмногу боли, а тоа е комплетно лишување од гледање на детето. Како во Јули, така во Септември така и сега. Јас не сум себичен, само сакам да го гушнам моето дете.

Само колку да се знае: Јас работам со деца веќе 12 години, имам сертификат за работа со деца од држава членка на ЕУ, сертификат за работа со деца од сектор за работа со деца при Обединети нации каде се изучува законот за деца при ОН, Имам пофалница од претседателот Борис Трајковски за најхуман човек во работа со деца, за мојата хумана работа со деца пишуваа неколку портали и весници во нашава држава, организатор на најуспешните акции за помош на деца без родители и деца со пречки во развојот….. Спротивно на тоа, мајката на детето посетува психијатар повеќе од три години од каде и се препишуваат лекарства за смирување, не сака деца, казнета со парична казна од МВР за нарушување на јавен ред и мир, го има тепано своето дете на кое му има нанесено видливи траги за кои има полициски и лекарски извештаи.

Единствено незнам како Центарот за социјални работи и судот во Македонија кој е одговорен за вакви ситуации може да работи само паушално и така да донесува решенија и пресуди? Дали во оваа држава постои некој закон за заштита на деца и дали таквиот ако постои некој го почитува?

Бројот на родители на кои им е оневозможено да си ги гледаат своите деца расте се повеќе. Само во Скопје има над 27 000. Најмногу поради СТРУЧНИТЕ ЛИЦА кои се вработени во Центарот за социјални работи во Скопје, а немаат ни „С“ од стручност.

Дали донесувајќи ги овие заклучоци институциите помислуваат во каков човек ќе израсне тоа дете?

С.П.

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.