Постапка за добивање на одобрение за поставување на урбана опрема

Во новата програма за урбана опрема за 2016 година, добивањето на одобрение за поставување на урбана опрема ќе се одвива според следната процедура.

Сите оние кои се заинтересирани за поставување на урбана опрема, можат уште веднаш да поднесат барање до Секторот за урбанизам и просторно планирање за извод од програма за урбана опрема кој претставува основен документ за започнување на постапката за издавање на одобрение на урбана опрема.

По добивањето на овај документ заинтересираните субјекти може да поднесат барање за издавање на одобрение за поставување на урбана опрема во кое што треба точно да го наведат периодот во кој што сакаат да го користат просторот (три, шест или девет месеци). Во прилог на ова барање треба да биде доставен и проект за урбана опрема изработен според важечката програма за 2016 година, извод од програмата за урбана опрема и тековна состојба – доколку барателот е правно лице.

После одобрувањето на проектот од стручните служби, доколку урбаната опрема се поставува на земјиште на Република Македонија на барателот му се изработува договор за закуп согласно важечката одлука донесена од Советот на општина Охрид, а доколку урбаната опрема се поставува на приватно земјиште барателот е должен да достави доказ за сопственоста. Во двата случаи на барателите им се пресметува комунална такса за закупениот простор.

Откако ќе се комплетираат документите и се достави договор со ЈП „Охридски комуналец“ за одржување на закупениот простор на барателот му се издава одобрение за поставување на урбаната опрема за бараниот период.

Доколку од страна на барателот уредно и навремено е поднесена целокупната документација изработена според важечката регулатива и доколку барателот навремено ги регулирал трошоците што ги имаат во однос на закупнина и комунална такса, од страна на стручните служби одобрението за урбана опрема се издава за краток рок, кој не е подолг од една работна недела.

Инспекциските служби при општина Охрид постојано ќе бидат на терен и доколку се забележи поставена урбана опрема без претходно добиено одобрение за поставување на урбана опрема, ќе ги санкционираат прекршителите.