Повеќе илјади гости го окупираа Охрид за новогодишните празници

Повеќе илјади гости допатуваа во Охрид, каде ќе ги минат новогодишните празници. Најголемиот дел се сместени во поголемите хотелски капацитети, каде закупија четиридневни и тридневни аранжмани, со свечен дочек.

Свечен дочек организира и локалната самоуправа од Охрид, со одлична празнична забава, на отворено, на градскиот плоштад Свети Климент Охридски.

„Очекуваме преполн плоштад на самиот дочек. Охрид и оваа година да биде преполн со гости за новогодишните празници. Најголем број од нив ќе бидат од Република Македонија, но и од соседните држави, пред сè, од Србија, Црна Гора, Бугарија и од Албанија, како и од Полска и од Турција“ – вели градоначалникот Никола Бакрачески.

На градскиот плоштад, ќе настапат музичките ѕвезди Викторија Лоба и Боби Мојсовски, ансамблот „Билјана јуниор“ и групата „Компас бенд“.

Дека е Охрид полн со домашни и со странски гости, можеше да се види денеска напладне. Сончевото, иако ладно време, привлече многу шетачи по градскиот крајезерски кеј.

Многумина заседнаа на пладневно кафе на отворено, на терасите од бројните охридските кафулиња.

Од странските гости, најбројни се гостите од Србија, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Хрватска, Турција и од Грција. Тоа можеше да се согледа и од регистрациите на автобусите и на лесните патнички возила кои ги преполнија паркиралиштата во Охрид.

Охридската полиција се вклопи во амбиентот. Денеска, на возачите, пред сè, на тие од странство, наместо казни им делеше лампиони и подароци.

Бугарите главно ги заседнаа хотелите „Метропол“ и „Белви“, во „Силекс“ има Полјаци, додека Србите се определија за помалите хотелски капацитети и за приватното сместување.

За Нова година, охриѓани во најголем број останаа дома. Сепак, ги има и такви кои отпатуваа надвор, главно во зимските центри во Бугарија и во Србија. Привлечни беа и новогодишни аранжмани за Истанбул, Прага и за Виена.

Извор: meta.mk