Утре флеш-моб „Разиграни минути 5, заедно со клуб 25“ на охридскиот плоштад

Во рамки на Црвен крст Охрид формиран е и делува Клуб 25 кој го сочинуваат млади хумани луѓе, крводарители, мотиватори и едукатори кои се посветени на промоција на крводарителството и здравиот начин на живот кај младите.

„Преку организирање на трибини, работилници,  членовите на Клуб 25, истакнувајќи го својот пример како крводарители ги мотивираат младите да даруваат крв, информирајќи ги  за чинот на крводарувањето, патот на крвта од дарителот до примателот, практикување здравите животни навики, како еден од предусловите да се биде крводарител.

Името Клуб 25 има своја симболика во бројот 25, која се огледа во старосната граница на членовите на клубот, кои се на возраст од 16-25 години и во тенденцијата младите крводарители од овој клуб до својата дваесет и петта година да достигнат 25 крводарувања.“- информираат од Црвениот крст Охрид.

Членови на Клуб 25 можат да бидат сите млади луѓе од 16-25 годишна возраст кои имаат желба својата хуманост да ја изразуваат преку дарувањето на најдрагоцената течност и мотивирањето на своите врсници за крводарување.

Како најава и промоција на традиционалната крводарителска акција за Водици 2016, членовите на Клуб 25 подржани од волонтерите на Клубот на млади при Црвен крст Охрид на 18.01.2016 (понеделник) во 13 ч. на Градскиот плоштад ќе изведат музички перформанс – flash mob со мото „РАЗИГРАНИ МИНУТИ 5, ЗАЕДНО СО КЛУБ 25“.

Се покануваат нашите сограѓани да го проследат овој интерес настан.

Повеќе информации за тековните активности на Клуб 25, како и интересни факти за крводарувањето, како да се постане член на овој клуб и крводарител, можат да се најдат на фејсбук страната на Клуб 25 https://www.facebook.com/klub25ohrid/

logo