Заменик министерот за образование учествува на Светскиот образовен форум 2016 во Лондон

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски учествува на тридневниот Светски образовен форум 2016, кој се одржува во Лондон, Велика Британија.

Светскиот образовен форум е најголемиот интернационален собир на министри за образование, на кој се дебатира за глобалните образовни предизвици, креирањето на политиките за справување со истите и се разменуваат позитивни практики и искуства во областа.

Согласно агендата, заменик министерот Ристовски оствари неколку билатерални средби во насока на интензивирање на соработката на Република Македонија со дел од другите земји учеснички.

Ристовски се сретна и со Мајкл О’Саливан, генералниот директор на Меѓународниот центар за наставни програми во состав на Универзитетот Кембриџ, институција со која Владата на Република Македонија реализира договор за имплементација на наставните програми и учебници на Кембриџ по математика и природни науки на национално ниво. На средбата се дискутираше за досегашниот тек од процес на реформирање на основното образование, како и за активности кои претстојат во таа насока.

Дополнително, работен состанок беше одржан и со Џејн Мен од издавачката куќа на Универзитетот Кембриџ.

Форумот е организиран со поддршка на британските министерства за образование, економија и меѓународна соработка, Британскиот совет и бројни други партнерски институции.