Груевски: За избори на 24 април гласаа сите партии во Собранието, вклучително и СДСМ

Законот за избори, каде што експлицитно се наведува 24 април 2016 година како датум на одржување на изборите, е закон што беше изгласан едногласно во Собранието, вклучително и од пратениците на СДСМ, истакнал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на денешната средба со заменикот на генералниот секретар на Европската народна партија (ЕПП), Кристијан Кремер, кој доаѓа од редовите на германската Демохристијанска партија (ЦДУ).

На средбата, како што соопштуваат од партијата, било разговарано за имплементацијата на Договорот од Пржино, за надминувањето на политичката криза и за евро-атлантските интеграции на Македонија.

„Претседателот Никола Груевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ги исполни своите обврски од Договорот од Пржино и дека партијата ќе продолжи со целосна посветеност да се спроведат сите обврски што произлегуваат од овој договор, вклучувајќи го и одржувањето на изборите на веќе договорениот датум, 24 април 2016 година. Груевски, исто така, додаде дека Законот за избори, каде што експлицитно се наведува 24 април 2016 како датум на одржување на изборите, е закон што беше изгласан едногласно во Собранието на Република Македонија, вклучително и од пратениците на СДСМ“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Кремер, за време на средбата, како што соопштуваат од владејачката партија, нагласил дека сите политички партии треба да се придржуваат до Договорот од Пржино и да направат сè што е во нивна моќ за престојните парламентарни избори да се одржат во најдобар ред, во согласност со меѓународните препораки и стандарди.

На средбата меѓу Груевски и Кремер, станало збор и за мигрантската криза и за предизвиците со кои се соочува земјава.

„Кристијан Кремер во текот на вчерашниот ден оствари посета на јужната граница и на мигрантскиот камп во Гевгелија и искажа пофални зборови за напорите на Македонија за справување со бегалската криза. Неопходно и важно е земјата да го затвори ова поглавје од политичката криза, а тоа може да го направи само силна влада која ќе се соочи со различните предизвици, како мигрантската криза и ќе работи на евро-атлантските интеграции“, се вели во партиското соопштение.

Оттаму додаваат дека посетата на Кремер била во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер Стифтинг“ од Германија, која е блиска до ЦДУ.

(Фото: ВМРО-ДПМНЕ/Фејсбук)

Извор: meta.mk