Уште најмалку 1.000 здравствени работници на едукација во странство

Најмалку 1.000 здравствени работници годинава ќе бидат испратени на едукација во странство. Eдукацијата на медицинскиот кадар во странство е уште една фундаметална мерка во насока на унапредување на здравствениот систем, со што овозможуваме и подостапни здравствени услуги за граѓаните, подобар квалитет на здравствените услуги, како и зајакнување на здравствената заштита на сите нивоа.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека со Законот за медицински студии и континуирана медицинска едукација на лекарите и друг здравствен персонал, едукацијата на медицинскиот кадар во странство е предвидена како законска, трајна обврска на јавните здравствени установи на секундарно и терциерно ниво на здравствена заштита

„Врз основа на оваа обврска и како операционализација на обврската, Министерството за здравство и за годинава подготвува Програма за едукација на лекари и медицински персонал, како Програма на Влада. Во 2015 година Министерството ја реализираше оваа обврска и во странство на едукација беа испратени 1.000 здравствени работници од кои 800 лекари и 200 медицински сестри и останат медицински персонал“, посочи Тодоров.

Почнувајќи од 2012 година, досега, потенцира министерот, се реализираа вкупно 2.084 едукации во странство на доктори, медицински сестри и останат здравствен персонал. Појасни дека една од примарните цели на овие едукации е зголемување на квалитетот на здравствената услуга, воведување на нови методи, намалување на компликациите, подобра организација во работата, како и пренесување на знаење и искуство од најсовремените здравствени системи и болници во Република Македонија.

Според него, со ова овозможуваат оптимална искористеност на новата, најсовремена медицинска опрема која континуирано се обезбедува за јавните здравствени установи во државата.

Една од најзначајните цели на овие едукации е воведувањето нови методи, и токму во таа насока Тодоров истакна дека над 70 отсто од докторите испратени на едукации во странство (од вкупно 1.269 испратени доктори досега на едукација), применуваат нови методи во своите матични установи, односно методи кои се нови за докторот што бил пратен на едукација, или се нови за установата во која што е вработен докторот.

„Значи 70 отсто од докторите кои биле на едукација научиле некоја метода која претходно не ја работеле односно или тие не ја работеле или не се работела во јавната здравствена установа во која работат или воопшто не се работела во државата“, рече Тодоров и додаде дека главно докторите од универзитетските клиники кои одат на едукација во странство воведуваат методи кои досега не се работеле во државата, а за разлика од нив докторите кои работат во останатите здравствени установи-клинички и општи болници се едуцираат за методи кои можеби се работат на некоја клиника или во некоја друга здравствена установа, но не се работеле во нивната ЈЗУ.

Посочи дека има ситуација во која има методи кои се работат во здравствената установа, но конкретниот доктор не ја применувал и бил испратен на едукација во странство со цел и тој да ја примени таа метода.

Наведе неколку примери за нови методи воведени во јавните здравствени установи: На Институтот за белодробни заблувања кај децата Козле – воведени се две нови методи кои првпат се применуваат во болницата, а тоа се детска пулмоалергологија и полисомнографија, за кои докторите се едуцирале во врвната детска болница Бамбино Џезу во Рим.

„Во Универзитетската клиника за државна кардиохирургија – воведени се повеќе нови методи и процедури, меѓу кои: аортокоронарен бајпас без употреба на машина за екстракорпорална циркулација (на срце кое работи, beating heart), тотална артериска реваскуларизација на коронарни крвни садови, минимално инвазивни кардиохируршки операции, операции на реконструкција на аортна валвула, итни минимално инвазивни операции кај пациенти со ендокардитис, операции на реконструкција на митралната валвула“, рече Тодоров.

За овие методи, потенцира, докторите се едуцирани во болницата Триемли во Цирих, Швајцарија, како и во Институтот за кардиоваскуларни заболувања во Дедиње.

Нагласи дека во Општата болница во Струмица воведени се три нови методи за болницата (артроскопија, колоноскопија и суптотална протеза на колк). За артроскопија реализирана е едукација на докторите во болницата LIV во Истанбул, Турција, а за суптотална протеза реализирана е едукација во болницата Токуда во Софија, а за колоноскопија реализирана е едукација во Клинички центар во Војводина.

Воведена е и нова метода, истакна министерот, за доктор, која ја има во болницата, но тој не ја имал совладано, а тоа е лапароскопска холецистектомија за што е реализирана негова обука во Клинички центар во Љубљана.

„На Универзитетска Клиника за гинекологија и акушерство воведени се три нови методи меѓу кои ехо на срце кај новороденчиња (напредна фетална ехо кардиографија) за која тројца доктори од клиниката се едуцирани во реномираниот King’s College во Лондон. Доктори од оваа клиника се едуцирани во областа на акушерска анестезија, и тоа за користење лоу-флоу анестезија односно анестезија со ниски протоци на гасови, за што е реализирана едукација во болницата Флоренс Најтингел во Истанбул“, рече Тодоров.

Третата метода за која се едуцирани доктори од оваа клиника, укажа, е гинеколошка онкохирургија, по спроведена едукација во Универзитетски клинички центар Хамбург – Епендорф, а еден доктор е едуциран и во An Arbour – Универзитет во Мичиген, САД.

„Клиниката за хируршки болести „Св.Наум Охридски“ – има воведено три нови методи – колоноскопија / гастроскопија (за која е реализирана едукација во Словенија), лапароскопска урологија (за која е реализирана едукација во Клиника во Нирнберг), fat grafting метода (за која е реализирана едукација во „Роналд Реган“ медицински центар во Лос Анџелес). Една докторка од Клиниката за радиотерапија и онкологија, по завршена едукација во реномираниот медицински центар во САД, Memorial Hermann – Texas Medical Center, на Клиниката има воведено нова метода за третман на тумори на дигестивен тракт и панкреас,“ посочи Тодоров.

Нагласи дека докторка од Универзитетската клиника за детски болести има завршено едукација од областа на детска неврологија и неврорехабилитација во Италија, во врвната педијатриска болница Бамбино Џезу, и има воведено нов тип на тестови за мускулна дистрофија, цистична фиброза и невромускулни болести на оваа клиника, а доктор од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби има воведено нова метода фиброскен, по завршена едукација во Клинички центар – Белград.

„Станува збор за метода која првпат ја применува докторот, а воедно за првпат се применува во рамки на оваа клиника, со што се зголемува достапноста на здравствената услуга. Уште еден пример е нова метода воведена на Клиниката за нефрологија, која се состои од мапирање на крвни садови за креирање на крвни пристапи во областа на нефрологија, за што е обезбеден и колор доплер за континуирана примена на методата. Инаку, на Клиниката оваа метода е воведена по спроведена едукација на еден доктор во Клинички центар во Љубљана,“ рече Тодоров.

Се спроведени и едукации во областа на интервентна кардиологија, кои се особено значајни за ширење и зајакнување на мрежата за третман на акутен срцев инфаркт, обуки од областа на мамографија и кор биопсија на дојки, пластична хирургија на дојки, итн.

„Во текот на месец ноември и декември 2015 година тимови од Министерството за здравство посетија неколку реномирани медицински центри во скандинавските земји и во Германија, со цел да се почне соработка, односно да се овозможи едукација на македонските лекари во овие центри,“ потенцира Тодоров.

Појасни дека во Универзитетска болница во Хелсинки договорени се едукации од областа на спиналната неврохирургија, со времетраење од еден до три месеци, кои ќе почнат во текот на март, а во тек е комуникација и со уште неколку болници и клиники во Берлин, Лајпциг итн. – Овие средби односно состаноци ќе продложат и во тек на 2016 година и во претстојниот период ќе се обидеме уште повеќе да ја зголемиме листата на здравствени установи со кои Министерството за здравство има склучено договори за испраќање лекари на едукација, рече Тодоров.

Министерството за здравство, истакна, формираше и Комисија за проверка на знаењата стекнати од едукациите, која е составена од реномирани академски професори, а на месечно ниво се одржуваат по неколку состаноци на комисијата каде се разговара и подетално се анализираат стекнатите знаења и вештини од едукациите во странство.

„Покрај едукациите во странство, Министерството за здравство е фокусирано и на специјализациите во странство, како можност за стручно доусовршување на докторите во врвни странски медицински центри. Во Загреб во тек се 7 специјализации и 2 субспецијализации (во делот на државната кардиохирургија), дополнително во тек е постапка за уште една специјализација, додека во Белград веќе се почнати 5 специјализации. Во тек е постапката за уште 10 за кои веќе пристигнуваат решенија за започнување на специјализација,“ додаде Тодоров.