Средба со членови на Италијанско-Македонската стопанска комора

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, за време на посетата на Италијанската Република, синоќа во Рим, оствари работна вечера со членови на Италијанско-Македонската стопанска комора, која што работи на развојот на економската соработка меѓу двете земји. Бизнисмените го информираа претседателот Иванов за нивните активности во насока на унапредување на економската соработка и трговската размена со Република Македонија, притоа истакнувајќи дека нашата држава за нив претставува привлечна дестинација за проширување на нивните бизниси и капацитети. Претседателот Иванов истакна дека Италија претставува значаен трговски партнер на Македонија, и во континуитет е меѓу првите 10 земји-трговски партнери на нашата држава, изразувајќи очекување дека во наредниот период ќе се зголеми бројот на италијанските инвестиции во Република Македонија. Италијанско-Македонската стопанска комора е формирана во 2015-та година со цел продлабочување на севкупните односи меѓу двете држави, со акцент на стопанската и економската соработка.