Во Охрид ќе се градат Конгресен центар, катни гаражи и други капитални проекти

До крајот на 2016-та и во првата половина на 2017-та во Охрид ќе започнат да се градат повеќе капитални објекти чија вредност е над 25 милиони евра, а кои се од голема потреба за граѓаните и кои во изминатите децнии беа напразно ветувани, а сега конечно се реализираат.

Годинава треба да се градат нова марина, две катни гаражи, пешачка патека од пристаниште до Канео, Конгресен центар, како и нов објект за Домот на култура. Заедно со претходно потпишаните инвестиции за градба на покриен базен и покриен зелен пазар, нова современа авотбуска станица, како и Дом за стари лица, серијата инвестиции која почнува да се реализира ги решава потребите на Охрид од овие капитални објекти за следните 30 до 50 години.

„Конгресниот Центар ќе биде лоциран во населба Далјан или на просторот помеѓу сегашниот станбен комплекс и постоечкиот хотел „Даљан“. Тоа ќе биде еден од позначајните капитални проекти кои многу одамна му недостасуваат на градов. Финансиската конструкција за реализација на проектот ќе биде на ЕЛЕМ. Урбанистичко планската документација што ја обезбедува општина Охрид е во завршна фаза после што ќе бидат преземени следни активности. Почетокот на градежните активности би требале да бидат во првата половина на 2017 година“– вели градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески објаснувајќи дека како Општина заедно со Владата на Р. Македонија, барале од ЕЛЕМ која е задолжена за прибавување на целокупната документација, конгресниот центар да ги задоволи потребите на Охрид во насока на развој на конгресниот туризам.

„Она што ние го баравме од инвеститорот беше првенствено да се одбере поволна локација а таа кај Даљан ние сметавме дека е најповолна. Секако дека тој конгресен центар треба да има една голема сала или главна арена во која би се одвивале големите конгресни активности со капацитет од 1 500 до 2 000 седишта и се разбира 4 до 6 помали сали со капацитет за 200 лица. Се разбира дека организацијата на конгресите подразбира и други сателитски активности и организација на сателитски симпозиуми а самото име кажува дека може да се организираат и во локалните хотели. Тоа значи дека главните конгресни активности би се одвивале во големиот конгресен центар а сателитските симпозиуми во конгресните сали од охридските хотели“– објаснува Бакрачески.

Со средства од ЕЛЕМ ќе се гради и една од двете катни гаражи. Таа ќе биде во близина на Центарот за Култура којшто пак по моделот на Јавно приватно партнерство ќе го гради Министерството за култура на Р. Македонија.

Во другата катна гаража ќе инвестира ‘’А.Д. За стопанисување со станбен и деловен простор од интерес на Република Македонија’’.

„Според нашите стратешки планови во урбанизмот таа катна гаража ќе треба да се гради на потегот кај СРЦ „Билјанини извори“ со оглед на тоа што најголем дел од туристичките автобуси што доаѓаат и сега се паркираат на тој простор. Со нашите планови за заокружување или комплетирање на спортско – рекреативниот центар којшто ќе биде со сите содржини што ги предвидовме за изградба сметавме дека таа локација за градба е најдобра. Претпоставувам дека со градба на оваа катна гаража ќе се започне во втора половина на 2016 година,“ објаснува градоначалникот Бакрачески.

МЕПСО ќе инвестира во марината и пешачката патека од пристаништето до Канео, која од Канео ќе се поврзе со плажата Лабино, но во тој дел по земјен пат.

Општина Охрид до сега ја обезбеди урбанистичко – планската документација, како и сите потребни документи за почеток на градба на зелениот пазар, автобуската станица, како и за домот за старите лица.

Овие инвестиции значајно ќе го променат Охрид, но ќе имаат и влијание врз локаланта економија во периодот додека се градат објектите.

Со градењето на овие објекти се затвора целиот циклус на инвестирање во инфраструктурни проекти.

Ако се погледнат инвестициите, се прави и многу повеќе од ветеното, бидејќи во тек е целосното заокружување на реконструкцијата на крстосниците на Булевар Туристичка со кружни текови. Се гради пешачката патека кај Студенчишта,( во завршна фаза е изградбата на третиот дел од патеката) а во 2016 та ќе се реконструира целиот Кеј „Македонија“, а реконструирани ќе се и патеките околу каналот Студенчишта.