Зголемен откупот и продажбата на земјоделски производи

Според податоците на Државниот завод за статистика, во четвртото тримесечје од 2015 година откупот и продажбата на земјоделски производи се зголемени за 7.9% во однос на истиот период од претходната година.

Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано зголемување за 14.4%, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство е забележано намалување за 1.2%.

Зголемување на откупот и продажбата на земјоделски производи е забележано кај: индустриските и градинарските растенија, добитокот, живината и јајцата, млечните производи и рибата, а намалување е забележано кај: житата, фуражните растенија, овошјето и грозјето, алкохолните пијалаци и млекото.

Месечната дистрибуција на вредноста на откупот и продажбата на земјоделски производи покажува пораст во октомври и декември, додека во ноември е забележано опаѓање.