Две сценарија за (не)распуштање на Собранието

Утре е последниот ден кога пратениците ќе можат да ја изменат или, пак, да ја одложат одлуката што ја донесоа на 18 јануари, а со која е предвидено Собранието да се распушти в среда.

Ако ниту една политичка партија утре не поднесе иницијатива да се промени датумот на изборите, Собранието ќе се рапушти и ќе може да заседава само во воени или вонредни услови.

Ако 20 пратеника поднесат барање на дневен ред на седница да се стави точка во која се бара промена на датумот на распуштање на Собранието, пратениците може да заседаваат веднаш, а одлуката да се усвои со 62 пратеника.

Според сегашната состојба, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ немааат намера да поднесат такво барање затоа што, според нив, има услови за веродостојни избори. Според владејачката партија, претставниците на САД и на ЕУ во својот извештај не понудиле ниту еден сериозен и веродостоен аргумент во прилог на тезата дека Македонија не е подготвена за избори.

За СДСМ, пак, главните услови за одржување на изборите не се исполнети, не е направена реформа во медиумите ниту, пак, е прочистен избирачкиот список. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на денешната прес-конференција рече дека партиите што покренале иницијатива за распуштање на парламентот се тие што треба да поднесат иницијатива за повлекување на таа одлука.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ги повика партиите да постигнат договор.

Од Либералната партија побараа партиите уште денеска да поднесат предлог-одлука до Собранието со која ќе се направи измена во Изборниот законик и ќе се смени датумот за избори, како и да се донесе предлог- одлука со која ќе се отповика одлуката за самораспуштање.

Извор: meta.mk