Министрите Спасовски и Хованец во посета на Прифатниот центар за мигранти „Винојуг“ во Гевгелија

Министерот за внатрешни работи на Република Македонија Оливер Спасовски и Министерот за внатрешни работи на Чешката Република Милан Хованец денеска го посетија Прифатниот центар за мигранти “Винојуг“ во Гевгелија. Министерот Спасовски изрази благодарност за помошта што Република Чешка и ја дава на Република Македонија за справување со последиците од мигрантската криза.

„Сакам да им оддадам признание на македонските, чешките и другите полицајци кои се на јужната граница на Република Македонија и кои многу помагаат во овој период за справување со мигрантската криза. Ние сме должни да обезбедиме хуман третман на мигрантите и транзит меѓутоа исто така, треба да обезбедиме и стабилност и безбедност на граѓаните на Република Македонија“, рече министерот Спасовски.

Министерот Хованаец му се заблагодари на министерот Спасовски за се што Македонија прави во справувањето со мигрантската криза и понуди дополнителна помош од Република Чешка и земјите од Вишеградската група за полесно справување со овој проблем.

„Чест ни е што нашите полицајци можат да помогнат заедно со вашите полицајци во решавањето на овој проблем. Разбираме дека притисокот од мигрантите ќе продолжи и ќе се засилува и разбираме дека овој притисок ќе биде голем врз Република Македонија. Сакам да потенцирам дека сме свесни за ова и сме подготвени да го преземеме својот дел од одговорноста“, рече Хованец.