„Рурален доктор“ досега реализираше околу 160 илјади прегледи

Околу 160.000 прегледи се реализирани во периодот од март 2014 година досега, во рамки на проектот „Рурален доктор“ на целата територија на државата.

Станува збор за проект со кој се опфатени жителите на населени места во Република Македонија кои немаат директен пристап до здравствени услуги од примарно ниво во близина на местото на живеење, со цел да се овозможи подостапна здравствена заштита на ниво на целата држава, односно континуитет во обезбедувањето здравствена заштита на жителите во тие населени места.

Ова денеска на прес-конференција за реализацијата на проектот „Рурален доктор“ го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека во регионот на Здравствен дом Скопје најстар прегледан жител е во општина Петровец, има 95 години и е во добра здравствена состојба, а најмлад во општина Студеничани во с.Моране е дете на четиригодишна возраст.

„Во регионот на Здравствен дом Охрид најстар жител прегледан е во с. Свиништа, има 97 години и неговиот крвен притирок бил 120/80 и гликемија 5,1, додека најмладата пациентка во с.Мешеишта има 12 години. Во регионот на ЗД Битола најстар жител прегледан е во с.Живојно, има 87 години, додека најмлад во с.Добромири – дете од 7 години. Во регионот на ЗД Прилеп најстар жител прегледан е во с. Слепче Мариовско, има 93 години, додека најмлад во с.Лопатица и има 4 години“, посочи Тодоров.

Според министерот, ова покажува дека со проектот бенефит имаат и најстарите и најмладите, бенефит имаат сите оние кои живеат подалеку од здравствените установи и на тој начин може да добијат здравствена услуга поблиску до нивното место на живеење.

Појасни дека најчести дијагнози утврдени кај прегледаните лица се зголемен крвен притисок и дијабетес, а најчесто препишувани лекови од руралните доктори се лекови за регулирање на крвниот притисок, потоа лекови за смирување и антибиотици и други.

„Најоддалечени населени места каде се обезбедуваат здравствени услуги од Рурален доктор се селата Требовје и Волче во Македонски Брод кои се на 50 километри оддалеченост од градот, с. Луке во Крива Паланка (околу 30 километри оддалечено од градот), село Муслинци оддалечено 31 километар од Битола, село Свето Тодори во општина Могила оддалечено 35 километри, село Живојно во општина Новаци оддалечено 30 километри, село Гари е оддалечено околу 25 километри од Дебар, итн.“, рече Тодоров.

Со имплементирањето на проектот „Рурален доктор“, нагласи министерот, медицинските тимови обезбедуваат примарна здравствена заштита за околу 360.000 лица во рамки на отворените 309 пунктови.

Потенцира дека најголеми населени места каде што се спроведува проектот се: село Ранковци кое брои околу 4.000 жители и село Карбинци кое брои околу 3.000 жители, село Раштак во Скопски регион брои околу 300 – 400 жители, село Мешеишта во Струга – околу 1.000 жители, село Бунарџик итн., но има и населени места опфатени со проектот кои имаат 1 до 10 или 15 жители.

„Тимовите на Рурален доктор обезбедуваат основни здравствени услуги, како мерење притисок, мерење на нивото на холестерол во крвта, мерење на гликемија и аплицирање на ампуларна терапија. Континуирано воведуваме новини во функционирањето на проектот, како на пример воведената можност за издавање рецепти, односно препишување акутна и хронична терапија, можноста за ЕКГ преглед со набавените 45 нови ЕКГ апарати, со што дополнително го прошируваме обемот на основни здравствени услуги кои ги обезбедуваат руралните доктори,“ рече Тодоров.

Укажа дека се обезбедени апарати и ленти за мерење на нивото на шеќер во крвта, а за потребите на проектот обезбедиле 50-тина возила со цел подобрување на капацитетите на руралните тимови. Во текот на прегледите кои ги вршат руралните доктори, истакна, констатирани се чести примери на детектиран висок крвен притисок кој дотогаш не бил регулиран или повисоко ниво на гликемија, што дотогаш не било контролирано.

Според Тодоров, ова е проект кој е комплементарен со проектите „Рурални аптеки“ и „Подвижни аптеки“, така што со нивното паралелно функционирање и надополнување се заокружува примарната здравствена заштита, особено во руралните и потешко достапните населени места низ државата.

Нагласи дека во претстојниот период ќе продолжат со унапредувањето на проектот, во тек се постапки за ангажирање нови дополнителни тимови, а планираат да обезбедат и нови 30-тина возила, во насока на јакнење на капацитетите на руралните тимови, а со тоа и зголемување на опфатот на населени места.

„Во тек е процедура за ангажирање на дополнителни 24 доктори кои ќе бидат ангажирани во рамки на овој проект. Станува збор за проект со кој Министерството за здравство се обидува да пристапи до најоддалечните населени места и до населените места со најмал број жители, како и до најстарите лица на кои веорјатно им е потребна здравствена заштита, а кои живеат во населени места кои се многу оддалечени од поголемите центри каде има повеќе нивоа на здравствена заштита“, додаде Тодоров.

Изрази задоволство од досегашната имплементација на проектот и затоа ќе има континуирано негово проширување, како во поглед на бројот на тимови кои се вклучени, така и во опремата и услугите кои се даваат во рамки на овој проект.