Отворено Државното првенство во одбојка за основни училишта

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески и градоначалникот на општина Василево, Ванчо Стојанов во големата спортска сала во оваа општина свечено го отворија државното првенство во одбојка за основни училишта во рамките на училишните спортски игри, кое од денеска па се до сабота ќе се одвива во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија и ООУ “Гоце Делчев”, како домаќин на првенството.

Директорот Спасески во своето обраќање ги поздрави сите учесници и присутни во салата и се осврна на сите активности кои Агенцијата за млади и спорт ги презема во насока на поддршка и развивање на училишниот спорт. Тој потсети на 500-те стипендии кои АМС ги дава на младите и талентирани спортисти, а го потенцираше и Летниот училишен спортски камп, на кој секоја година најдобрите учесници од училишните спортски игри земаат учество и 7 дена имаат можност бесплатно да се дружат со нивните спортски идоли во Охрид.

„Затоа, бидете упорни и посветени, напорно тренирајте, слушајте ги вашите тренери и верувајте успехот ќе дојде. А ние сме тука да го следиме секој ваш успех и да го вреднуваме секој ваш резултат. Нека победи најдобриот.” – порача Спасески и го прогласи државното првенство за отворено.

Градоначалникот на Василево, ги поздрави присутните од различните краеви на Македонија и се заблагодари за укажаната можност, токму општината Василево да биде домаќин на едно вакво значајно натпреварување.Тој се осврна на капиталните спортски проекти кои ги реализираше Агенцијата за млади и спорт, но и општината во насока на развој на спортот и овозможување соодветни услови за тренинг и спортска рекреација на сите жители.

Покрај домашниот тим ќе учествуваат и ОУ „Блаже Конески” од Велес, најдобрите основни училишта од западниот регион: ОУ „Елпида Караманди” од Битола и ОУ „Никола Карев” од Крушево. Најдобри претставници од скопскиот регион се ОУ  „Лазо Ангеловски” и ОУ „Блаже Конески”.

Ams_ucilisno_prvenstvo_2222 (1)