Ременски: Нови реални политики и вистинска грижа за жените

Министерката за труд и социјална политика, д-р Фросина Ташевска-Ременски денес се обрати на Конференцијата во организација на Министерството за труд и социјална политика во соработка со канцеларијата на UN Women – тело на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените, насловена како „10 години Закон за еднакви можнсти на мажите и жените: финансирање за родова еднаквост и агендата 2030“. Повод за организирање на Конференцијата беше одбележување на „Меѓународниот ден за правата на жената 8-ми Март“ и одбележување на 10 години од усвојувањето на првиот Закон за еднакви можности на мажите и жените.

На почетокот на своето обраќање Ташевска-Ременски им го честиташе денот на жената на сите жени во Република Македонија и порача дека, сите заедно ја имамаат историската должност и одговорност за продолжување на борбата за правата на жените, со истата храброст и решителност со која пред повеќе години тоа го направија Клара Цеткин и Роза Луксембург.

Најголема придобивка на современите демократии е уживањето на еднакви права, а во тој контекст е и родовата еднаквост и еднаквите можности на што не обврзуваат и меѓународните стандарди.

„Денеска ми претставува чест и задоволство да се обратам и да Ве поздравам на оваа значајна конференција посветена на одбележувањето на 10 години од донесувањето на Законот за еднакви можности на мажите и жените како прва министерка за труд и социјална политика во историјата на независна Република Македонија. Оваа конференција е можност да кажеме до каде сме, каде одиме и кои се претстојните предизвици по прашањата на човековите слободи и права гледани од родов аспект”, рече во своето обраќање министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски .

Таа потенцираше дека Законот за еднакви можности донесен 2006 година претставува водечки документ или основа за креирање и спроведување на политики за еднакви можности и родова еднаквост во Република Македонија и потсети дека еднаквите можности помеѓу жените и мажите во Република Македонија се регулирани пред сè со Уставот, со Законот за еднакви можности на жените и мажите, но и со многу други закони.

„Се спроведуваат голем број на стратешки документи како што се: Стратегијата за родова еднаквост 2013-2020 година, Националниот план за родова еднаквост, Националниот план за спроведување на Резолуцијата 1325 за жените, мирот и безбедоста (во чија подготовка лично учествував), Стратегијата за родово одговорно буџетирање со која Република Македонија започна процес на воведување на родово одговорно буџетирање, и Националната статегија за спречување и заштита од семејно насилство во која се содржани мерки за спречување и заштита на жртвите на семејно насилство. Тука, сакам да ја споменам и Стратегијата и Националниот акциски план за борба против трговија со луѓе и илегална миграција кои ја претставуваат сеопфатната рамка за координирана борба против овие казниви дејствија и заштита на жртвите од трговија со луѓе”, рече Ташевска-Ременски.

Појасни дека суштината на законите и политиките е во нивното спроведување преку институционални механизми на централно и локално ниво. Република Македонија е меѓу првите земји во регионот која воспостави институционална рамка за еднакви можности и недискриминација.

„Во изминатиот период успеавме да направиме исчекор во повеќе области. Со измените на Изборниот законик на Република Македонија се изборивме за 40% застапеност на помалку застапениот пол на жените во политичкиот живот и во процесите на одлучување, кандидирање и избирање на важни позиции. Стратегија на идната Влада на Република Македонија е континуирано зголемување на тој процент до 50% до 2020 година”, рече министерката Ташевска-Ременски.

Според неа недозволиво и непоимливо е во 21 век, жената – столбот на семејството да биде жртва на семејно насилство. Во однос на ова прашање, се вложуваат напори во превенција, заштита и спречување на семејното насилство како општествено зло кое бара општетсвена свест, напуштање на стереотипите и предрасудите за жената.

„Во овој контекст сакам да го споменам донесувањето на Закон за спречување и заштита од семејно насилство, кој има за цел обезбедување на законската рамка за превенција и заштита од семејно насилство. За целосна реализација на законските одредби на овој Закон, но и за обезбедување на применливост на меѓународните документи во Република Македонија е потребна итна и неодложна ратификација на Конвенцијата на Совет на Европа против насилство врз жените”, подвлече министерската за труд исоцијална плитика Фросина Ташевска-Ременски.

Исто така, таа смета дека родовата еднаквост зборува и за демократскиот капацитет на едно општество. Темата права на жената, бара силна и диманична акција од сите институции, општествени фактори и поединци и токму затоа не смееме да останеме неми набљудувачи на политиките кои не одат во прилог на слободата на одлучување на жената за своите права, правото на планирање на бројот на децата, правото на абортус и други права кои во изминатиот период беа предмет на огромна критика.

„Не смееме да останеме неми набљудувачи и легитимирачи на неплатената прекувремена работа на текстилните работнички. Трудот и работните часови ќе мора да бидат платени. Тоа ќе го направиме со воведување на Регистар за прекувремени работни часови, поврзан со Управата за јавни приходи. Работодавачите нема да можат повеќе да не ги плаќаат одработени часови. Впрочем, борбата за женските права започна во текстилните фабрики во кои во пожар загинаа повеќе од 114 работнички. Синдикалните организации мора да ја започнат борбата за враќање на достоинството и правата на работниците, а преку таа битка да покажат посветеност во борбата за правата на жените”, рече Ташевска-Ременски и продолжи:

„Работодавачите мора да гарантираат права и услови за работа на бремените жени, работничките со малолетни деца, еднородителските семејства и повозрасните работнички. Нашата искрена заложба ќе биде воведувањето на флексибилно работно време. За жените работнички со навршени 57 години старост ќе овозможиме да добијат неполно работно време од 6 часа, до навршување на 60 години старост, со задржување на целата плата. Додека, за жените работнички со навршени 60 години старост ќе овозможиме да добијат неполно работно време од 4 часа, до исполнување на условот за пензија, односно 62 години старост, со задржување на целата плата. Државата мора да го поттикнува и субвенционира учеството на жените во бизнисот. Затоа, нашата заложба ќе биде обезбедување на државна поддршка за жените претприемачи, вработувања на жените во руралните средини и поддршка за жените – фармерки. Ќе има бесплатни сервиси за помош на еднородителските семејства и самохраните родители како олеснување во нивното секојдневно функционирање”.

На крај министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски рече дека остануваат уште многу предизвици и области каде што е потребно да се спроведат активности кои ќе доведат до целосно постигнување на родовата еднаквост во Република Македонија. Исто така, им се заблагодари на долгогодишните поддржувачки во сите овие напори и активности, на УНДП за несебичната поддршка која дава извонредни резултати, на УН канцеларијата за жени во Република Македонија, на ОБСЕ и на многу други.

На конференцијата се обрати и Луиза Винтон, постојаниот координатор на Обединиетите нации. Таа потенцира дека најголемиот предизвик кој постои во Македонија е да се намали јазот кој постои меѓу правната, нормативната и реалната состојба во животот. Според неа постои разлика од 18-19 проценти во платите меѓу мажите и жените кои ја извршуваат истата работа. Исто така постои јаз од 30 проценти во учествотото на пазарот на трудот меѓу мажите и жените. И она што е најголем проблем во државата е тоа што жените извршуваат најголем дел од работата која ја нарекуваме неплатена, односно скоро дупло работни часови жените изведуваат во вршење грижа за деца, за постари лица.