„Писма од Земјата“ утре во Центарот за култура

Во НУ Центар за култура „Григор Прличев“-Охрид, утре (19ти март), со почеток во 20:00 часот, Охридскиот народен театар репризно ќе ја изведе претставата „Писма од земјата“.

Билетите се во продажба во Мјузик Шоп ЗЗ ТОП. Пред почетокот на претставата во Центарот за култура ќе чинат 150 денари.

„Писма од Земјата“ е моно-спектакл или сатирична турболенција во која Никола Тодороски го толкува ликот на Лудиот Филозоф или едноставно кажано Будалата. Лик кој постои откако постои светот и е тука за да не соочи сите нас со најгорчливите сегменти на човековото постоење, корупција, административен поглед кон религијата, смрт, алчност за пари, цивилизацијата воопшто. Ние како пасивни гледачи или сеирџии сме приморани од страна на Будалата да вкусиме од горката чаша и така згрозени да плукнеме на се она што ни го грчи желудникот и не тера да се мрштиме, за потоа повторно со насмевка да го почувствуваме сладкиот вкус во нашата уста-овојпат знаејќи дека може да биде и полошо. Текстот е адаптирано сценарио според раскази на еден од врвните светски сатиричари Марк Твен. Ова е прв театарски проект на Никола од ваков тип во кој тој се јавува како главен лик и режисер, автор на сонговите и сценарист.

pbp