Се урна авион во Русија, загинаа сите 62 патници и членови на екипажот

Сите 62 патници и членови на екипажот загинаа, кога авион од типот „боинг 737-800“ на авиокомпанијата „Флај Дубаи“ се урна рано изутринава при обид за слетување на аеродромот во рускиот град Ростов на Дон.

Руското министерство за вонредни состојби инфромира дека авионот, кој летал на релација од Дубаи до Ростов на Дон, се урнал во 3.50 часот по локално време, при вториот обид за слетување на аеродромот.

Во соопштението се посочува и дека најголем дел од патниците во латалото биле руски државјани. Од вкупниот број загинати патници, 44 биле Руси, осуммина Украинци, двајца Индијци и еден Узбекистанец, додека од членовите на екипажот, четворица биле државјани на Обединетите Арапски Емирати, двајца Шпанци и еден Русин.

Според првичните резултати од истрагата, причина за падот на авионот најверојатно е лошото време, но не е исклучена можноста да станува збор и за грешка на пилотот.

Извор: meta.mk