Канадската авторка Маргарет Етвуд добитник на Златниот венец на СВП за 2016

Канадската романсиерка, поетеса, книжевна критичарка и активистка Маргарет Етвуд е добитничка на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2016 година. Одлуката била донесен аедногласно, а денеска на прес-конференција ја соопшти раководството на фестивалот.

Етвуд е родена во 1939 во Отава. Нејзиното пишување главно се занимава со прашањата на феминизмот, кој таа го истражува низ различни жанрови. Позната е по своите романи, но еднакво е успешна и во поезијата.

„Наградата на Етвуд и се доделува за исклучителниот придонес во поетската уметност со особениот творечки пристап во третирањето на темите на отуѓувањето и неможноста од комуникација, позицијата на женскиот субјект кој страда, за тегобноста, искористувањето и потчинетоста во модерниот свет… низ моќта на нејзините стихови секогаш ги отсликува различните нијанси на женското искуство, ограничувањата кои го загрозуваат, како и опстанокот за кој неминовно се бори,“ пишува, меѓу другото, во одлуката која ја прочита Славе Ѓорго Димоски, претседател на Управниот одбор на СВП.

Етвуд, која е 51-ви лауреат на СВП и трета поетеса која го добива Златниот венец (по Десанка Максимовиќ во 1988 и Нанси Морехон во 2006) во своето писмо-обраќање по повод наградата кажува дека е почестена што ќе биде во групата на истакнати поети носители на признанието и дека со нетрпение ги чека Струшките вечери во август.

„Дел од возбудата при прифаќањето на оваа награда ќе биде шансата да ја посетам Македонија, каде никогаш не сум била. Прастарата култура и прастарата традиција можат да бидат и богатство и бреме врз оние кои живеат со нив, но за гостите кои доаѓаат на посета тие претставуваат чисти задоволства“, пишува Етвуд во писмото, во кое додава „навикната сум да ме гледаат како писателка, а поезијата да ми биде – ако не занемарена – барем во сенка“.

На прес-конференцијата по повод објавата на годинашниот лауреат министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека годинава, на 55-тото издание на Струшките вечери на поезијата, ќе имаме поет со виртуозен поетски исказ и единствен стил, автор на повеќе од 40 исклучителни дела кои се преведени на огромен број јазици меѓу кои е и македонскиот.

DSC_0070

„Особено радува фактот што нејзиниот роман „Пенелопијада“ е дел и од нашата капитална едиција „Ѕвезди на светската книжевност“. Уверена сум дека токму оваа нејзина меѓународна репутација и ова признание од СВП уште повеќе ќе влијае врз промоцијата на нашата земја во меѓународен контекст. Ставајќи го во фокусот оваа година нејзиното творештво, ние ќе ги продлабочиме и културните врски меѓу Република Македонија и Канада и ќе дадеме нова димензија на нашите пријателски релации во сите сфери на културата“, истакна Канческа-Милевска.

Маргарет Етвуд е добитничка на повеќе од 40 светски признанија, на највисоките книжевни награди во Канада, а во 2000 година ја доби Букеровата награда за романот „Слеп убиец“. Таа е една од најпреведуваните светски автори и почесен професор на 30-ина универзитети, како Оксфорд, Кембриџ, Харвард, Сорбона, Единбург…

За нејзината биографија и творечки пат говореше директорот на СВП Мите Стефоски, кој посочи дека Етвуд зазема значајно место во современото канадско општество не само поради писателската уметност, туку и поради нејзините јавни заложби за различни општествени прашања, како поддршката за правата на жената, правата на домородците, а вклучена е и во борбата за подобра животна средина.

„Надвор од северноамериканскиот континент Маргарет Етвуд е веројатно повеќе позната како романсиер, како прозаист, отколку како поет. Но, неспорен е фактот дека поезијата на Етвуд има еднаква важност и квалитет како и нејзината проза. Значајните интернационални награди за нејзиното поетско творештво се уверлива потврда за неговите високи вредности“, истакна Стефоски.

Прва поетска книга на Етвуд е „Двојната Персефона“, објавена во 1961 година, а првиот роман со кој се етаблирала како значаен писател е „Жената храна“, објавен во 1969 година. Поетскиот опус на Етвуд ги опфаќа и стихозбирките „Кружна игра“, „Политики на моќта“ и „Ти си среќен“ (во кои ги истражува родовите политики во современите односи меѓу мажот и жената), „Двоглави песни“, „Вистински приказни“, „Интерлунар“…

DSC_0035