Македонија 0:2 Бугарија

Македонската А репрезентација загуби со 0:2 против Бугарија на контролниот натпревар на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

Нашиот најдобар национален состав беше подобар противник во првото полувреме. Македонија имаше контрола во поседот на топка, а неколку опасно се заканивме кон голот на противникот. Во првите 20-на минути Агим Ибраими и Ванче Шиков ги имаа најдобрите прилики за отворање на резултатот. Ударот на Ибраими малку недостасуваше да го изненади Митрев, а голманот на Бугарија интервенираше по обидот со глава на Шиков. Во 24. минута одлична прилика за гол имаше Шиков, но неговиот удар со глава ја погоди пречката. До крајот од полувремето се обиде и нашиот капитен Горан Пандев, а последната убава шанса по центаршут на Ибраими не ја искористи Шиков. Единствениот опасен удар гостинската репрезентација го имаше во 42. минута, но сигурен интервенција на нашиот гол имаше Димитриевски по ударот на Рангелов.

Во вториот дел повторно Македонија ја имаше првата прилика, но ударот на Стјепановиќ го изблокираат дефанзифците на Бугарија, а во 55. минута по асистенција на Пандев се обиде и Леонард Жута, но повторно на висина на задачата беа гостинските одбранбени фудбалери. По еден час игра Армент Алими на додавање од Пандев се обиде да го загрози Митрев, но голманот на Бугарија лесно го одбрани неговиот удар.

Во 66. минута 1:0 за противничкиот тим. Бугарите организираа контра напад, а по наврлената топка по удар со глава погоди Димитар Рангелов.

Нашиот селектор Игор Ангеловски со неколку замени во последните 20-на минути се обиде да ја пробие цврстата одбрана на бугарите, но не создадовме вистинска шанса за гол. Во 84. минута гостите го изблокираа и ударот на Пандев.

Во 87. минута 2:0 за Бугарија. Александар Тонев е стрелец на погодокот на додавање од Ивајло Чочев.

МАКЕДОНИЈА – БУГАРИЈА (0:0) 0:2

(66` Димитар Рангелов 0:1, 87` Александар Тонев 0:2)

Пријателски натпревар, Национална арена „Филип Втори“, Скопје

МАКЕДОНИЈА: 12. Столе Димитриевски, 13. Стефан Ристовски (75` Горан Силјановски), 3. Леонард Жута, 6. Ванче Шиков, 5. Кире Ристовски (75` Мите Цикарски), 16. Никола Глигоров, 17. Остоја Стјепановиќ (60` Армент Алими), 19. Агим Ибраими (76` Илија Несторовски), 7. Иван Тричковски, 10. Горан Пандев (капитен), 18. Адис Јаховиќ (60` Јован Костовски).

БУГАРИЈА: 1. Божидар Митрев, Георги Терзиев, 5. Николај Бодуров, 15. Васил Божиков, 2. Страхил Попов, 21. Светослав Дјаков, 18. Ивајло Чочев, 7. Михаил Александров, 11. Марсело Да Коста (77` Спас Делев), 10. Ивелин Попов (90` Иво Иванов), 8. Димитар Рангелов (84` Александар Тонев)

Македонија и Бугарија го одиграа седмиот меѓусебен дуел. Бугарија ја забележа четвртата победа, нашата селекција славеше на дуелот пред три години во Скопје со головите на Агим Ибраими и Александар Трајковски.