Заев: СДСМ ќе биде пример за заштита на слободно изразена волја на граѓаните

Предизборните активности на сите политички партии се во финишот на својата подготовка, така и Социјалдемократскиот сојуз е во целосна подоготовка за изборите на 5-ти јуни, истакна денес на претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

„Ние сме подготвени за 5 јуни заради тоа што сме убедени дека промените ќе се случат, согласно сите рејтинзи и целокупниот амбиент во Република Македонија. Но, секако учеството е единствено возможно на кредибилни, регуларни, фер и демократски избори.

Остануваме до крај на браникот на она за коешто се залагаме и на она што го очекува цела македонска јавност од нас, правото на слободно изразена волја на граѓаните, да гласот вреди еден глас и граѓаните слободно да одлучат за иднината на нашата земја.

Во склоп на сите овие подготовки, силно апелирам до сите функционери на општествени функции и од Социјалдемократскиот сојуз, без разлика дали се на централно или на локално ниво, ниту да не помислуваат да злоупотребуваат позиции вршејќи притисок, закани, уцени, или било каков мобинг врз вработените во јавната администрација.

Ние сме тие кои се бориме за фер, демократски и кредибилни избори. Ние треба да бидеме пример како социјалдемократи, дека слободно изразената волја на граѓаните е светост од каде што потекнува идниот демократски развој на нашата заедничка Република Македонија.“– истакна Заев.