Јолевски на министерски состанок во Виена: Македонија дава значаен придонес кон евроатлантската безбедност и стабилност

„Природата на безбедносните предизвици бара подобрена и сестрана соработка помеѓу земјите и сите засегнати страни. Македонија се докажа како сериозен партнер во справувањето со безбедносните предизвици. Ние ги споделуваме проценките за безбедноста и континуирано даваме значаен придонес кон евроатлантската стабилност.Воедно, активно придонесуваме во рамките на колективните напори за справување со современите предизвици, закани и ризици“. Тоа денес во Виена, го истакна министерот за одбрана, Зоран Јолевски кој учествува на состанокот на земјите од Централноевропската одбранбена соработка (CEDC) заедно со Македонија, Црна Гора и Србија, посветен на менаџирање на мигрантската криза, заштитата на европските граници и хуманитарната помош за мигрантите.

Во тој контекст министерот Јолевски додаде дека Република Македонија на соодветен начин се справи со бегалците и мигрантската криза. „Државните институции дејствуваат координирано и имаат воспоставено добра координација и соработка со земјите долж Балканската рута“, посочи Јолевски.

Воедно министерот истакна дека Македонија ги презема сите мерки за безбедност за заштита на националните и регионалните интереси во согласност со политиката на ЕУ. „Ние сме убедени дека нашите напори ќе бидат соодветно вреднувани и дека Македонија ќе го добие своето заслуженото место во евроатлантското семејство“, рече Јолевски на состанокот.

Преземените чекори од страна на Република Македонија беа поздравени од земјите на Централноевропската одбранбена соработка, а беше истакната и важноста на Македонија во справувањето со миграциските текови.

На состанокот учествуваа министрите за одбрана на Австрија, Македонија, Чешка, Хрватска, Унгарија, Црна Гора, Србија, Словенија и Словачка. Австрија како актуелен претседавач и координатор со CEDC ќе ја информира Европската унија и меѓународните партнери за прогресот и нивната интеграција во натамошните активности.

Во рамките на престојот во Австрија, министрите за одбрана на Македонија и Австрија, Зоран Јолевски и Ханс Петер Доскоцил го потпишаа планот за билатерална соработка во одбраната.