Јолевски: Македонија и Турција се пример за соработка во регионот

Командантот на Копнената војска на вооружените сили на Република Турција, генерал Салих Зеки Чолак кој е во дводневна посета на Република Македонија денес оствари средба со министерот за одбрана, Зоран Јолевски и со началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски. На денешната средба се разговараше за натамошен развој на одличната соработка меѓу копнените сили, можноста за обуката и едукацијата на воен и цивилен персонал, како и за состојбата со мигрантите и кризата која го зафати блискиот исток.

Република Македонија и Република Турција имаат високо ниво на соработка во одбраната која треба да е пример како треба се соработува во сите сфери, но и како треба да се развиваат односите помеѓу земјите од регионот и пошироко – истакна министерот Јолевски. Во оваа прилика тој ја потврди високата соработка и изрази задоволство за интензивните контакти со турските официјални претставници што претставува одраз на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Турција. Министерот Јолевски изрази благодарност за безрезервната поддршка од Република Турција, на полето на одбраната и особено во процесот за интеграција во Северно атлантската Алијанса.

За време на разговорот со генералот Чолак, министерот Јолевски додаде дека двете Армиии одлично соработуваат и го посочи заедничкото учество во мисијата „Одлучна поддршка“ каде Армијата на Република Македонија придонесува со 12 штабни офицери и еден подофицер во главниот штаб на Командата за обука, советување и асистенција во Кабул во рамки на турските вооружени сили. Минисерот Јолевски на крајот уште еднаш упати благодарност до Турција за севкупната поддршка и особено за поддршката на нашата иницијатива за префрлање на Командата на SEEBRIG во Република Македонија.

Генералот Чолак, најнапред истакна дека Турција секогаш ќе ја подржува Македонија во остварување на нејзините стратешки цели, членство во НАТО и ЕУ и додаде дека нивна желба е Македонија да стане силна земја на балканскиот простор. Во оваа прилика тој додаде дека за време на разговорите со Генералот Величковски се дискутирало за добрите меѓуармиски односи и за нивен натамошен развој. Тој истакна дека е многу задоволен од воениот и цивилен персонал кој доаѓа на обука во Турција и додаде дека образованието е клучно за развој на институциите односно на државите.