Обука за ефикасно гранично патролирање

Зајакнувањето на капацитетите на Граничната полиција за ефикасно гранично патролирање е една од основните цели на проектот финансиран од ЕУ за „Понатамошно институционално градење на капацитетите на полицијата“. Со оглед на моменталната ситуација и развојот на настаните поврзани со миграциите и управувањето со приливот на бегалци, силната и добро организирана Гранична полиција има клучна улога за безбедноста на границите и благосостојбата на општеството.

Имајќи го ова предвид, тимот на Проектот за развој на полицијата благовремено организираше пет-дневна обука за обучувачи за Ефикасно гранично патролирање, вклучувајќи 25 номинирани претставници од Граничната полиција од централно и локално ниво. Обуката се одржа минатата недела во Охрид.

Искусниот обучувач, Виш полициски службеник од Унгарија, Миклош Пек, заедно со проектниот експерт за гранично полициско работење, г-дин Питер Дитц, акцентот на обуката го поставија на зајакнато користење на расположливите ресурси, и посистематска употреба на информациите, напредните технологии и методологиите за анализа на ризици. Подобрување на ефикасноста на Граничната полиција за борба против трговијата со луѓе, преку презентирање на практиките на ЕУ за полициска соработка, беше исто така во фокус на обуката, вклучувајќи ги и напредните техники за профилирање на лицата кои ја преминуваат границата, проверка на нивите средства за транспорт и останатиот имот во нивна сопственост.

Граничната контрола вклучува проверка на лицата на граничните премини и надгледување на теренот помеѓу премините, но и прецизна анализа на ризиците и опасностите кои можат да влијаат на безбедноста на надворешните граници и на внатрешната безбедност во земјата. Затоа, квалитетот на граничното полициско работење се мери со бројот на откриени, пријавени и истражени криминални активности поврзани со границите, а тоа во голем дел е зависно од пренесувањето на вештините и знаењата помеѓу припадниците на Граничната полиција.

„Овој тип на обуки треба да стане интегрален дел од функционирањето на Граничната полиција, како и да бидат редовно и систематски организирани, со цел да се постигне висока професионалност и вештините на граничните полицајци да бидат постојано надградувани, во согласност со стандардите и безбедносните предуслови на ЕУ. Нашиот проектен тим ја ангажира целата своја експертиза да му помогне на Бирото за јавна безбедност во остварување на оваа цел,“ нагласи проектниот тим лидер Александер Кребл на церемонијата на доделување Сертификати за завршената обука во Охрид.

Според востановената практика во рамки на проектот, трансферот на знаења ќе продолжи преку каскадните обуки, при што обучените гранични полицајци ќе го пренесуваат стекнатото знаење на своите колеги.