Врвни музички и сценски доживувања на 56. „Охридско лето“

Годинашното 56. издание на фестивалот „Охридско лето“ и овојпат, согласно реномето, ќе понуди врвни музички и театарски доживувања, изјави денеска, на првата средба со новинарите, новиот директор на Националната установа, музичкиот уметник Оливер Арсовски.

„Голема чест и привилегија за мене претставува моето назначување на функцијата директор на Фестивалот. Како музичар кој долги години настапувал на „Охридско лето“ повеќе од познато ми е дека „Охридско лето“ е најпрестижна манифестација од тој вид не само во Охрид и Македонија, туку и во регионот и пошироко“, рече Арсовски.

Тој ја искористи можноста да и заблагодари на неговата претходничка Елизабета Јанкуловска која, како што рече, го оставила Фестивалот во добра финансиска кондиција, но и со речиси изготвена програма што заедно со селекторите на музичкиот и драмскиот дел ќе биде објавена најдоцна за две седмици.

За Фестивалот „Охридско лето“ тој рече дека низ долгогодишната традиција веќе има наметнато високи уметнички стандарди, така што не планира позначајни промени кога станува збор за концептот, но сепак најави дека ќе посвети одреден дел од фестивалските термини на „оф“ програмата која би била интересна за поширокиот аудитириум, со содржини од најразлични уметнички остварувања – џез викенди, балетски перформанси, концерти на светски уметници кои би привлекле публика од поширокиот регион.

„Бидејќи како уметник потекнувам од Македонската опера и балет, би сакал на „Охридско лето“ да донесам врвни уметници токму од таа област, а благодарение на моите лични контакти и познанства, веќе имам реализирано одредени разговори и се надевам дека ќе успеам да остварам дел од моите замисли“, истакна директорот.

Новини ќе бидат и одредени уметнички активности што би се реализирале на охридските сцени во текот на целата година, надвор од вообичаениот фестивалски термин: настапи на црковни хорови за време на позначајните верски празници, новогодишни свечени концерти, манифестации кои, како што нагласи Арсовски, би се реализирале во време кога во Охрид има позначаен број туристи.

Оливер Арсовски е виолинист, долгогодишен член на Македонската опера и балет, институција во која бил и директор од 2007 до 2010 година. Тој беше и уметнички директор на Фестивалот за забавна музика „Макфест“, член на Оркестарот за народна музика при Македонската радио-телевизија, долгогодишен организатор на Виенскиот бал. На пошироката јавност во земјата и е познат како дел од жирито во една од најгледаните музички телевизиски емисии, забавното шоу „Танц со ѕвездите“.