Хуманитарна собирна акција за социјално загрозените и стари лицa од Охрид и Дебрца

Во рамките на социјално-хуманитарната дејност, а по повод одбележување на Неделата на солидарност од 18 – 24 април 2016, под мотото „ВАШИОТ ПРИЛОГ – ЗНАЧАЈНА ПОМОШ“, Црвен крст Охрид, со цел подигнување на нивото на свест на населението за потребната помош и поддршка на ранливото население, организира хуманитарна собирна акција за обезбедување на помош во храна, облека, обувки, средства за хигиена, постелнина, детски играчки и парични средства, која ќе биде наменета за социјално загрозените лица, старите лица и лицата со посебни потреби од Охрид и Дебрца.

Од Црвен крст Охрид апелираат и ги повикуваат охриѓани, фирми и институции да ја покажат својата солидарност и хуманост и масовно да се вклучат во акцијата со:

– донирање на материјални добра, во просториите на Црвен крст Охрид ул. „Димитар Влахов“ 52, во сите денови на траењето на акцијата вклучувајќи и сабота и недела од 8 до 15 часот.

– давање на доброволни прилози на мобилните тимови на Црвен крст Охрид составени од волонтери, обележени со обележја на Црвен крст Охрид, кои ќе бидат на повеќе јавни пунктови низ градот.

– донирање на парични средства на мобилните тимови на Црвен крст Охрид составени од волонтери, обележени со обележја на Црвен крст Охрид, преку акцијата -Од куќа до куќа-, во која волонтерските тимови на нашите сограѓани ќе им приложат плико и информативен флаер за нивна вклученост во акцијата за донирање парични средства според нивната желба и можности.

– донирање на парични средства на жиро сметката на Црвен крст Охрид со назнака за „Недела на солидарност“.