Јолевски за VOA: Потреба од сеопфатна стратегија за создавање подобри услови за мигрантите во земјите соседи на Сирија и Ирак

„Потребно е да имаме една сеопфатна стратегија во која ќе биде вклучено создавање на подобри услови за мигрантите во земјите кои се непосредни соседи на Сирија и Ирак, односно Турција, Либан и Јордан“, изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски во интервју за Гласот на Америка, по Конференцијата во Вашингтон, САД, посветена на мигрантската криза.

Договорот ЕУ – Турција, додаде министерот, е значаен чекор, а деновите по постигнувањето на истиот покажуваат дека приливот на мигранти се намали. Министерот потенцира дека сепак станува збор за глобална мигрантска криза која ги надмина сите можни предвидувања во однос на нејзината големина.

На прашањето за тоа колку средства се трошат од буџетот на Министерството, односно Армијата, министерот истакна дека доколку трошоците се одржат на моментално ниво, до крајот на годината само за трошоци за војниците ќе бидат потрошени околу 8% од буџетот, за што подвлече дека е голем издаток за Министерството.

Во интервјуто, министерот рече дека фактот дека голем број мигранти се само на неколку стотина метри од границата создава тензии меѓу нив, што пак стимулира одредени чекори од нивна страна кои не се добри за сите.

„Одредени невладини организации на некој начин ги стимулираа мигрантите да ги направат овие чекори кои што не се добри ниту за нив, за нивниот имиџ, но не се добри ниту за Македонија и Грција на која граница и се“, додаде министерот Јолевски.