Претседателот Иванов се сретна со амбасадорите на ЕУ во Македонија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, оствари средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења и информации за политичката криза во Република Македонија. Во тој контекст, претседателот Иванов ги запозна амбасадорите со мотивите и целта која сака да ја постигне со одлуката за помилување – ослободување од гонење, без спроведување на постапка, како и со контекстот и сите аспекти поради која е донесена одлуката.

Амбасадорите ги изнесоа позициите и загриженоста на државите кои ги претставуваат во врска со одлуката и политичката криза.

На средбата беа разгледани и состојбите со мигрантската и безбедносната криза, како и предизвиците кои од нив произлегуваат.