ФЗОМ: Во првиот квартал прегледани над 40.000 осигуреници

Со воведување на превентивните цели во примарната здравствена заштита, за дејноста општа медицина, од ФЗОМ овозможуваат рационализирање и правилно искористување на средствата на Фондот, како и подигнување на квалитетот на здравствена заштита во државата. Имено, Фондот за здравство на Македонија како обврска за матичните лекари воведе три цели, кои се превентивни мерки за рано и навремено откривање на трите најчести незаразни заболувања: кардиоваскуларните, бубрежните заболувања и дијабетес мелитус, како и секундарна превенција на можните компликации од истите кои лекарите мора да ги реализираат.

За таа цел со матичните лекари во 2016 и 2017 година треба да извршат превентивни прегледи на осигуреници на возраст од 35 до 56 годишна возраст. Таргетирани се 664.000 осигуреници од кои за првиот квартал од 2016 година, превентивни прегледи направиле околу 40.000 осигуреници.

„Кажано во бројки, од околу 40,000 осигуреници кои го посетиле матичниот лекар во првите три месеци од 2016 и направиле преглед за кардиоваскуларни заболувања, утврдено е дека низок ризик имаат околу 19.000 жени и околу 5.700 мажи. Кај околу 10.000 мажи и околу 5.000 жени откриен е среден ризик од кардиоваскуларни заболувања, а кај 172 мажи и 1 жена откриен е висок ризик од кардиоваскуларна фатална епизода во наредните десет години. Со следење на советите на лекарите, поздрава исхрана и поголема физичка активност, а во некои случаи и примање на терапија, ќе се избегне фаталниот кардиоваскуларен исход (мозочен удар, срцев удар, како и смрт причинета од истите).“– велат до ФЗОМ.

За превенција од нефролошки заболувања, испитани се 42.066 осигуреници и кај 41.900 лица утвцрден е низок ризик од добивање на нефролошко заболување. Кај 166 лица утврден е умерен ризик, а нема лица со висок ризик. Од испитувањата кај матичните лекари за нефролошките заболувања, утврдивме дека иако нашите осигуреници се со низок ризик од нефролошко заболување, мораат веднаш да намалат внес на соли, шеќери и мрсна храна, затоа што 145 лица имаат крвен притисок над 160 со 120, кај 1.847 лица се пронајдени протеини во урина а на 28.690 лица е утврден GFR (громелурална стапка на филтрација на бубрег) е состојба која е загрижувачка и која укажува на почеток на губење на бубрежмната функција. Иако во моментов не се во ризична категорија, намалувањето на бубрежната функција GFR е најголемиот ризик фактор за добивање на бубрежно заболување и комплетно губење на бубрежната функција.

За третото заболување за кое матичните лекари направија превентивни прегледи, утврдена е следната состојба, од 39.510 испитаници, кај 34.000 лица е утврден низок ризик од добивање на дијабетес, лесно покачен е откриен 5.400 лица, додека висок ризик е откриен кај 122 лица. Интересен показател е дека кај 2.911 лица индексот на телесна маса е прекумерен, над 30 поени (BMI) односно тие осигуреници се со обезитас (дебелина). Кај 100 лица за кои лекарите се сомневале за скриен шеќер и ги упатиле за орален гликоза толеранс тест, поставена им е дијагноза дијабетес кај 34 од овие испитаници, а кај 21 е утврдена преддијабетична состојба.

„Карактеристичен заеднички именител кај овие три најчести незаразни заболувања е тоа што со намалување на внес на соли, шеќери и масна храна, се намалува и ризикот од овие заболувања. Не станува збор за обична сол за готвење и шеќер кој го користиме во кафето или чајот, туку солта во храната, во чипсот, во саламите, шеќерот во газираните и негазираните пијалоци, алкохолот, маснотијата во секоја форма на храната која ја внесуваме. Намалувањето на внес на сите овие работи, значи и намалување на ризикот од заболување.

Апелираме до граѓаните да се појавуваат на закажаните превентивни прегледи, а матичните лекари совесно и посветено да ја изавршуваат својата работа и ажурно да ги реализираат превентивните мерки и активности. Фондот еднаш годишно врши контрола за точноста на извршените превентивни прегледи.“- додаваат од фондот.

Во насока на поголема информираност на осигурениците кои веќе имаат едно од хроничниве заболувања, Фондот изработи и испечати едукативни материјали – флаери.

„Овој едукативен материјал е дел од севкупниот сет на мерки на Владата за грижа и превенција на здравјето на осигурениците. За потаргетирана достава на едукативните флаери, Фондот ги достави до матичните лекари за тие да ги дистрибуираат на своите пациенти на кои им се потребни. Вкупната бројка на испечатен едукативен материјал се вкупно 350.000 флаери, од кои 180.000 флаери се таргетирани за пациентите со дијабетес, 150.000 флаери за пациентите кои се со висок ризик од кардиваскуларни заболувања, 10.000 за пациентите со бубрежна слабост на преддијализа, како и по 5.000 флаери за пациентите на дијализа и за предностите од трансплантација на бубрег.

Како заокружување на грижата за осигурениците и нивната информираност, Фондот реализира и дополнителен проект, грижа за хронично болни лица, при што тимови на вработени од Фондот телефонски ги потсетуваат хроничните пациенти да ги извршат редовните прегледи и контроли и да ги почитуваат советите на лекарите за да се спречи влошување на здравствената состојба.

Досега тимовите на Фондот контактирале со 34.600 граѓани за да ги информираат и потсетат за почитување на насоките на лекарите, како и на важноста од редовни контроли и спроведување на пропишаната терапија. Одзивот на граѓаните е охрабрувачки бидејќи сите искажаа задоволство што некој ги контактира со цел да ги информира и потсети колку е важна грижата за сопственото здравје“, додаваат од ФЗОМ.