Ристовски: Акредитирани 18 лаборатории на факултетите

Во минатите два месеца седум лаборатории се комплетно акредитирани со околу сто нови методи. Со нив, вкупно 18 лаборатории се акредитирани, т.е. покрај научно-истражувачка имаат апликативна (практична) намена и може да ги користат компании за своите потреби.

Осумнаесетте лаборатории се меѓу 42 акредитабилни од вкупно 80 набавени лаборатории за универзитетите, преку проектот на Владата и Министерството за образование и наука.

Заменик-министерот Спиро Ристовски изјави дека останатите 24 акредитабилни се во завршна фаза на акредитација и се очекува процесот да го завршат во наредните шест месеци.

Акредитирањето на лабораториите значи и нивно комерцијализирање зашто услугите што ќе ги прават за заинтересираните клиенти се наплаќаат, а средствата се насочуваат во буџетот на универзитетите на кои лабораториите се инсталирани.

„Ова е посебно значајно затоа што големата инвестиција од над 25 милиони евра на Владата на РМ односно Министерството за образование и наука вродува со плод. Со акредитирањето на методите се овозможува отворање на целокупниот пазар за потребите на домашните, но и за регионалните компании да можат во Република Македонија да вршат извесни научно-истражувачки проекти, но истовремено и за комерцијални цели – за проверка на квалитетот на производите“, рече Ристовски.

Нагласи и дека акредитирањето е значајно олеснување за македонската економија, зашто компаниите досега испитувањата мораше да ги прават во други лаборатории од регионот, со што им беа зголемени трошоците.

„На ваков начин се овозможува намалување на трошоците, а истовремено и Македонија да прерасне во регионален центар во кој и компании од другите држави ќе може да ги користат можностите на методите кои постојат во акредитираните лаборатории,“ додаде Ристовски. Апелираше до бизнис-заедницата во Македонија, но и во регионот, акредитираните методи на лабораториите да ги користат не само за научно-истражувачки цели, туку и за своите потреби.

Се работи за методи за најразлични области – од генетски до испитувања на прехранбени продукти. За да ги информира кои методи се достапни, МОН наредната недела на својата веб-страница (www.mon.gov.mk) ќе објави листа на сите акредитирани методи од 18-те акредитирани лаборатории.