Свечено пуштено во употреба повеќенаменското игралиште во Трпејца

Со свечена пригода, денес, беше ставено во употреба повеќенаменското игралиште кое е во рамки на основното училиште во Трпејца. Вредноста на игралиштето е околу 600 000 денари средства издвоени од буџетот на општина Охрид, а градежните активности ги изведуваа јавните претпријатија „Нискоградба“ и „Градски Гробишта“.

„Денес сме собрани тука да го одбележиме пуштањето во употреба на повеќенаменското игралиште, што е дел од годишната програма на Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици. Овој племенит инфраструктурен зафат го покажува нашиот еднаков однос кон сите делови на Општина Охрид, за задоволување на потребите на граѓаните и нашата грижа за најмладите. Знаеме дека вие, граѓаните на Трпејца сте најмногу заслужни за растежот на оваа прекрасно туристичко катче на Охридското крајбрежје, кое со право го носи епитетот на “Македонско Сен Тропе“. Ние како локална самоуправа, правиме максималните напори, Трпејца во иднина да стане најблескавиот бисер на нашето езеро и паралелно инфраструктурно да ги подобриме условите за сите жители и гостите кои престојуваат тука“, -истакна градоначалникот Бакрачески на свеченото пуштање во употреба на игралиштето.

Реализацијата на овај проект доаѓа како идеја од средбата со жителите на Трпејца која градоначалникот Бакрачески ја оствари неодамна.

„Ви се заблагодаруваме за изградбата на ова повеќенаменско игралиште, за спорт и спортска рекреација и Ви се заблагодаруваме за реализацијата на неколкуте помали инфраструктурни зафати во Трпејца. Сега јавно сакам да Ве замолам да не застанеме тука, да продолжиме да ја уредуваме Трпејца“, рече претседателот на месната заедница Милчо Стефаноски.

Изградбата на повеќенаменското игралиште во Трпејца е дел од проектот на Локалната самоуправа за изградба на повеќенаменски игралиште на повеќе локации во општина Охрид. Градоначалникот Бакрачески на крајот од манифестацијата на сите присутни им посака среќни Велигденски празници.