Заврши проектот „Птиците и човекот“ кој се реализира во основните училишта во Охрид и Дебрца

Денес, по повод Светскиот ден на птиците преселници, симболично заврши проектот „Птиците и човекот” кој што со поддршка на Македонското еколошко друштво, Извидничкиот одред „Пионер“ го реализираше во изминатите 60-тина дена.

Во проектот беа вклучени вкупно дванаесет основни училишта од кои десет во Општина Охрид и две во општина Дебрца. Учениците од второ и трето одделение се запознаа со феноменот на птиците преселници како и нивното значење за зачувување на животната средина.

„Непосредното излагање на извидниците кај учениците побуди отворена комуникација каде што им беа аудио и визуелно претставени птиците преселници застапени во нашите краишта. Беше внимателно проследен и краткометражен филм каде што преку ексклузивни снимки, учениците можеа да го доловат прелетот на птиците преселници преку земјините меридијани и предизвиците со кои се соочуваат за време на летот. Филмот предизвика интерес и од страна на присутните одделенски наставници при што им беше отстапен за понатамошна употреба во процесот на формалното образование на децата.“– велат од ИО „Пионер“, Охрид.

Оттаму апелираат до граѓаните, секој во својот домен да помогне во зачувувањето на птиците преселници, бидејќи како што велат, практично тие се значајни чувари на нашата животна средина.