Министрите Спасов и Мисајловски за само еден ден го надминаа проблемот со социјалните станови

Министрите за труд и социјална политика и транспорт и врски, Диме Спасов и Владо Мисајловски за само еден ден го надминаа проблемот со социјалните станови кои ги засегаше најранливите категории.

„На мое задоволство и на сите граѓани кои беа ставени во милост и немилост да ги добијат социјалните станови во Прилеп, Ресен и Демир Хисар, сакам денеска да ги известам сите граѓани и да упатам голема благодарност до министерот Диме Спасов и Министерството за труд и социјална политика, што за еден ден се реши ова прашање, овој горчлив проблем за многу граѓани. Комисијата вчера ги потпиша записниците, истата комисија. Тоа значи дека опструкцијата што се правеше за само едно лице по секоја цена да го добие станот, а да не ги исполнува условите се надмина и можам да кажам дека сите граѓани кои се на конечната листа ќе може да си ги добијат своите станови“, рече министерот за транспорт и врски Мисајловски.

Тој нагласи дека тоа е многу важно прашање за тие граѓани, за тие социјално ранливи категории. Стануваше збор за три градови, за три нови социјални згради што ги изгради Владата, а техничката министерка Фросина Ременски и даде забрана на комисијата да ги потпишува записниците.

„Записниците се потпишани експресно за еден ден, решенијата се подготвени. Ќе им стигнат на сите граѓани по пошта во рок од 15 дена согласно законот и потоа ќе потпишат договор со ЈП за станбен и деловен простор. Уште еднаш сакам да се заблагодарам на Министерството за труд и социјална политика, бидејќи кога има координација на Владата, кога помеѓу еден и друг министер има соработка, веднаш се завршува работата. Најважно е овие граѓани тоа да го видат, да го почувствуваат и наместо да чекаат со месеци што ќе се случува со Владата, да си ги добијат овие станови. Ние ги градиме овие станови токму за нив. Со среќа нека се становите за овие социјално ранливи категории. 119 семејства ќе добијат станови, сите вие ќе можете денеска да ја погледнете на нашата веб страна конечната листа кој ги има добиено становите и во кој град. Мора да биде транспарентна оваа политика и така ќе биде во иднина, нема да дозволуваме некој да добие стан што не заслужува“, рече Мисајловски.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов изјави дека експресно, само за еден ден, се надмина повеќемесечен проблем, се надмина застојот во МТСП, конкретно за овој случај, за доделувањето на становите во Прилеп и се реши едно животно прашање за 119 семејства од најранливите категории на граѓани, лица кои се приматели на социјална и постојана парична помош, лица со инвалидност, еднородителски семејства или самохрани родители со малолетни деца, лица со социјален ризик.

„Мило ми е што можеме да им помогнеме на овие наши сограѓани, наша должност како носители на функција е да работиме во интерес на граѓаните на Република Македонија. Би сакал да му честитам на министерот за транспорт и врски за неговата посветеност и борбеност во изминатиот период за да се избориме овие наши сограѓани од ранливите социјални групи да ги добијат заслужените станови. Исто така и на директорот на Акционерското друштво за изградбата на овие станови. Владата на Република Македонија и понатаму ќе продолжи со реализација на проектите за подобрување на животот на граѓаните. Ќе продолжиме со грижата за социјално-ранливите групи на граѓани со реализација на голем број мерки, проекти и поволности, меѓу коишто е изградбата на социјални станови за решавање на едно од најзначајните животни прашања. Овие луѓе добиваат свој дом, нови ставои во нови згради и тоа претставува големо задоволство,“ рече Спасов.

13235217_1537933826513648_6826918729617333197_o-939x627 (1)