Честитка од претседателот Иванов по повод почетокот на рамазанските пости

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод почетокот на рамазанските пости, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Реис-ул-Улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.

„Почитуван Реис-ул-Улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи,

Дозволете ми Вам лично и на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија да ви упатам честитки по повод почетокот на Рамазанските пости.

Рамазан е најсветлиот месец во исламот, месец на пост, молитва, солидарност и милост. Деновите на постот се можност да се покаже великодушноста и да им се помогне на сиромавите, со надеж за милост, бериќет и проштевање на гревовите пред портите на рајот.

Во месецот кој го слави духовното и телесното прочистување, посакувам сите верници од исламска вероисповед преку својата вера, посветеност и молитва да се присетат на благословите на големиот светец и да ги споделат со семејството и блиските.

Длабоко се надевам дека преку искушенијата на постот, верниците од исламска вероисповед ќе се поведат по највозвишените вредности – трпеливоста, воздржаноста, дисциплината и мудроста.

Во духот на празникот Ви посакувам лесни Рамазански пости. На сите припадници на исламската вероисповед во земјава им посакувам мир, благосостојба, љубов и проштевање.“