На советодавно тело презентирани новитетите и можности за олесување на Царинското работење

Денес, се одржа редовен состанок на Советодавното тело при Царинската управа (кое брои 13 членки, односно во кое покрај Царинската управа членуваат стопанските комори, АМЕРИТ, Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори, МАСИТ, кластерот за текстил), на кој се разгледаа повеќе актуелни прашања од областа на царинското работење и барања на деловната заедница.

На претставниците на деловната заедница им беа презентирани предностите од поднесување на електронско барање за пристап кон ИКТ системите на Царинската управа со користење на еден единствен образец. Имено, со зголемувањето на бројот на електронски апликации во Царинската управа наменети за економските оператори, се зголемува и бројот на корисници на истите, со цел поедноставување на процедурата за добивање на пристап до системите се воведе единствен образец, со кој идните корисници ќе можат да добијат пристап кон еден или повеќе електронски системи.

Исто така, беше најавено донесувањето на новата Процедура за правилно утврдување и евидентирање на нормативот кај текстилната индустрија. Со оваа Процедура ќе се дефинираат производите кои се добиваат при процес на облагородување, односно што претставува главно добиен производ, споредни добиени производи, како и отпадоци добиени во постапка на облагородување и како истите се изразуваат при извоз во фактура. Процедурата ќе придонесе за значително олеснување во работењето на текстилниот кластер, на царинските службеници кои работат на оваа проблематика.

Статусот на имплементацијата на Спогодбата за олеснување на трговијата на Светска Трговска Организација, каде член е и Република Македонија, исто така беше една од точките кои се дискутираа на советодавно тело, при што се истакна значењето на Спогодбата во насока на поедноставување и забрзување на меѓународната трговија, преку подoбрување на условите за увоз, извоз и транзит во секоја од земјите членки, како и тоа дека Република Македонија има меѓународно верификувани најдобри резултати во регионот и меѓу подобрите во глобални рамки во подготвеноста за примена на одредбите од Спогодбата.

На состанокот на Советодавно тело уште еднаш беше промовирана можноста за безготовинско плаќање со што се обезбеди квалитетна и брза услуга за граѓаните. Оваа можност за безготовинско плаќање на царинските и други давачки поврзани со царинското работење е воведена на почетокот на 2015 година, а сега е дополнето и во поглед на наплата на терминални такси. Електронското – безготовинско плаќање на терминалната такса е уште една поволност која Царинската управа ја овозможува на авто-превозниците во насока на забрзување на движењето на возила и стоки преку граничните премини.

На состанокот на Советодавно тело беа најавени и ефектите од примената на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Косово, во насока на примена на дијагонална кумулација на потекло меѓу ЕУ, Македонија и Косово. Во моментот во трговијата со Косово за да се извезе македонски производ може да се користат суровини само од ЦЕФТА земјите (Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Молдавија). Со примена на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Косово ќе се овозможи извоз на македонски производи со користење и на суровини од ЕУ покрај веќе претходно споменатите. Услов за почеток на примена на ваквата дијагонална кумулација со суровини од ЕУ е објавување на датум за почеток на примена меѓу ЕУ и Косово, во Службен весник на ЕУ, серија Ц.

sovetodavno 5